Зошто кандидатот ми откажа интервју?

од 24HR

Конференциската сала е подготвена. Тимот спремен. CV-ата се испечатени. HR менаџерите се на готовс. Сите се подготвени! Но чекајте! Нешто недостасува, а тоа се кандидатите. Доцнат 5 минути. Сега се 20. По одредено време прифаќате дека тие нема воопшто да се појават.

Недоаѓањето на кандидатите на интервју за работа не само што е фрустрирачки, туку и претставува симптом дека можеби нешто не е во ред со вашата компанија. Зошто се случува тоа?

Откажувањето на интервјуто од страна на кандидатите е нормална појава во голем број компании и индустрии. Но сепак, се чини дека на одредени работодавци тоа им се случува многу почесто отколку на другите. Денес ќе ги разгледаме најчестите фактори кои ги одвраќаат кандидатите и што можат компаниите да направат околу тоа.

Не сте доволно брзи

Луѓето што се занимаваат со продажба знаат дека клиентите имаат најголема веројатност да купат одреден производ ако 1) веднаш се контактираат и 2) добијат фидбек на пројавениот интерес во рок од 15 минути. На некој начин, слично е и во регрутацијата.

Честопати, главната причина зошто кандидатот не се појавува на интервју за работа е затоа што добил друга понуда или се откажал од процесот на барање работа. Ако вашата процедура беше малку побрза, можеби ќе имавте можност да го запознаете кандидатот лице в лице. Времето кое ви е потребно за најпрво да ги контактирате кандидатите кои аплицирале на вашиот оглас, а потоа и да ги поканите на разговор е сосема доволно за некоја друга компанија да влезе во играта.

Токму затоа е препорачливо уште веднаш да ги контактирате кандидатите за да им се заблагодарите за пројавениот интерес и колку што е можно побрзо да договорите термин за интервју.

Имате проблем со имиџот

Постои значителна корелација помеѓу лошиот бренд на работодавачот и непојавувањето на првото интервју. Откако ќе добијат повратен одговор, поголемиот дел од кандидатите почнуваат подлабоко да истражуваат за вашата компанијата како работодавач. Па затоа, не треба да се изненадите доколку причината за откажувањето на интервјуто биде некоја информација (лажна или точна) која се шири за вас во пошироките деловни кругови.

Во случај да се работи за лажна информација, имањето на задоволни вработени кои објавуваат искрен и позитивен фидбек за компанијата на социјалните мрежи и платформи за споделување искуства може да послужи како аргумент кој ќе ги негира невистините кои се шират за вас.

Од друга страна, доколку се работи за точна информација која го нарушува вашиот имиџ, потребно е многу сериозно да му пристапите на проблемот и најпрво да се обидете да го решите истиот, а потоа преку креирање на стратегија за Employer Branding да ја подобрите перцепцијата за вас како работодавач.

Не успевате да се продадете

Честопати откажувањето кај кандидатите се случува помеѓу првичниот контакт и првото интервју во четири очи. Овие рани интеракции се од клучно значење не само кога го оценувате потенцијалот на кандидатот за некоја работна позиција, туку и за тоа како ќе ја продадете вашата компанија како одлично место за работа.

Брзината не само што ќе го намали ризикот од појава на конкурентни понуди, туку и ќе му помогне на кандидатот да се чувствува ценето, вреднувано и посакувано. Со еден збор, тој ќе знае дека вашата компанија го цени неговото време и напор во потрагата по работа.

И покрај тоа што никогаш не можете апсолутно да ја елиминирате опасноста од непојавување на интервју, сепак, доколку делувате брзо, водите грижа за вашиот имиџ и успеете да го продадете работното место уште на самиот почеток, со сигурност ќе успеете да ја намалите вашата фрустрација бидејќи бројот на кандидати кои не доаѓаат на интервју драстично ќе опадне.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...