Ново на Glassdoor: Специјални алатки за работобаратели и компании во време на COVID-19

од 24HR

Најпознатата онлајн платформа за оценување на работодавачите, Glassdoor, објави нов сет алатки наменети за луѓето кои бараат работа и компаниите кои вработуваат за време на пандемијата.

Алатките вклучуваат специјален пребарувачки хаб посветен на COVID-19, пребарувач за работни места за кои постои голема побарувачка, библиотека со совети и бесплатен виртуелен настан за тоа како да се подготвите за барање работа.

За компаниите кои масовно вработуваат за време на COVID-19, Glassdoor направи специјални беџови за поголема видливост на нивните огласи, а тука се и бесплатните совети и упатства кои ќе им помогнат на работодавците полесно да маневрираат со процесот на регрутација. Glassdoor, исто така, им овозможи на компаниите да објавуваат известувања за тоа како се справуваат со кризата.

„Некои од најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата кои бараат работа во овие тешки времиња се неинформираност за можностите за вработување или каде да се фокусираат во нивната потрага по работа. Ние имаме цел да помогнеме во решавањето на тие предизвици со тоа што ќе ги поврземе луѓето со најургентните и најрелевантните можности за вработување. Покрај тоа, благодарение на новите алатки им овозможуваме на работодавците јасно да комуницираат како реагираат на кризата и како тие ја поддржуваат сопствената работна сила“,  изјави Ени Перл, одговорна за нови продукти во Glassdoor, во соопштението за печатот.

Алатки за работобаратели и вработени

Пребарувачки хаб посветен на COVID-19

Пребарувачкиот хаб на Glassdoor е наменет за сите што бараат работа за време на COVID-19. Алатката им помага на корисниците да го насочат своето пребарување кон најновите работни места во индустрии и компании кои активно вработуваат. Можете да пребарувате по различни критериуми, како што се: најбарани работни места, работни места за работа од дома, работни места во компании кои масовно вработуваат и специјализирани работни места поврзани со индустријата.

Пребарувач за најбарани работни места

Многу работодавци ги запреа своите постапки за вработување, но некои се движат во спротивниот правец. Работобарателите преку Glassdoor може да пребаруваат компании кои активно или агресивно вработуваат, со можност да ги филтрираат пребарувањата според град, позиција, индустрија или функција.

Работобарателите, исто така, можат да ги видат компаниите кои имаат зголемена потреба од кандидати за одредени позиции кога пребаруваат работни места преку пребарувачот на Glassdoor.

Бесплатен виртуелен настан: Како да се вработите сега

За да им помогне на корисниците да се подготват за барање работа во овие хаотични времиња, Glassdoor ќе биде домаќин на бесплатен виртуелен настан насловен „Како да се вработите сега“. Настанот е закажан за 6ти мај во САД и 12ти мај во Европа, а истиот ќе понуди стручни совети за тоа како да се најде работа во рецесија, како и што е тоа што компаниите го бараат од кандидатите во моментов.

Совети за вработени

Glassdoor направи и цела библиотека со содржини објавени на нивниот блог со цел да им помогне на невработените да најдат работа, а на вработените полесно да се адаптираат на новите начини на работење.

Алатки за работодавачи

Компаниски известувања во врска со COVID-19

За да им овозможи на компаниите да бидат потранспарентни и јасно да го споделат својот одговор на COVID-19 со вработените и јавноста, Glassdoor ја активираше новата функција која им дава можност на организациите да креираат и споделуваат информации на својот профил на платформата кои се обележани со специфичен беџ за коронавирус.

На овој начин, работодавците можат да ги споделат своите политики за работа од дома, бенефитите за вработените и останатите важни информации за време на кризата со коронавирусот.

Специјални беџови за компании кои масовно вработуваат

Glassdoor, исто така, им овозможува на работодавците да истакнат доколку се соочуваат со пораст на потребата за нови вработувања. Откако ќе ја активираат оваа функција, профилот на компанијата и отворените работни места ќе бидат означени со специјален беџ за итни вработувања. На овој начин, нивните огласи ќе бидат повидливи во пребарувачот на Glassdoor.

Упатства и совети за работодавачи

Слично како и за вработените, Glassdoor подготви библиотека со содржини објавени на нивниот блог кои ќе им помогнат на компаниите, работодавците и професионалците за човечки ресурси полесно да се прилагодат на новите начини на вработување.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...