6-те работи што вработените најмногу ги сакаат

од 24HR

Интернетот е преплавен со статии за тоа што сакаат вработените и како да ги мотивирате. Со оваа статија ќе дадеме едно поинакво гледиште за тоа што навистина преферираат вработените, а тоа е нешто што е применливо за секоја генерација и ќе остане да важи уште долго време.

Џенифер Џ. Дил, истражувач во Центарот за ефективни организации на Универзитетот во Јужна Калифорнија, во својата книга Retiring of Generation Gap: How Employees Young & Old Can Find Common Ground дава одлични аргументи за тоа зошто сите генерации споделуваат слични вредности иако начинот на кој тоа го прават може да се разликува.

Таа помина седум години анализирајќи повеќе од 3.000 лидери, а нејзиното истражување ја поддржува идејата дека сите ние воглавно ги сакаме истите работи, само што некои се во подобра позиција да го добијат она што го посакуваат.

Дил вели: „Таканаречениот јаз во генерациите во најголем дел е резултат на погрешната комуникација и недоразбирање кои пак потекнуваат од вообичаените несигурности и желби за влијание. Луѓето од различните генерации се во голема мера слични во она што го очекуваат, веруваат и сакаат од нивниот работен век“.

Па, што е тоа што луѓето го сакаат?

Лидерство

Сите ние сакаме да имаме лидери на кои можеме да им веруваме, од кои можеме да научиме корисни работи и кои можат да нè инспирираат да станеме подобри. Лидерите и менаџерите се една од главните причини зошто луѓето заминуваат. Генерациите немаат различни очекувања во врска со нивните водачи. Секој од нас сака да има добра работа во комбинација со одличен менаџер кој ќе го поддржува нашиот раст. Добрите лидери се најдобриот бенефит што една компанија може да го понуди!

Почитување

Не е важно дали сте на почеток на вашата кариера или сте блиску до пензионирање; почитта е уште една работа која сите ние ја сакаме. Во студијата на Дил постарите испитаници зборуваа за почитта во смисла на „давање на тежина на нивните мислења“, додека за помладите таа се изразува во формата „слушнете ме, обрнете внимание на она што сакам да го кажам“. Сите ние сакаме да бидеме почитувани, нашиот глас да биде слушнат и да почувствуваме дека нашата работа има поголемо значење.

Фидбек

Според студијата на Дил, сите ние сакаме да добиеме повратни информации затоа што сакаме да знаеме како работиме, што можеме да направиме поинаку и каде постои простор за подобрување. Може да ја извршувате работата на најдобар начин и да бидете врвен перформер, но без повратни информации не можете да ги подобрите работите каде што постои простор за тоа. И секако, сите ние сакаме од време на време да слушнеме дека нашата работа им носи вредност на другите, дури и ако длабоко во себе го знаеме тоа.

Промена

Постои стереотип дека постарите луѓе се спротивставуваат на промените, додека помладите (милениумците) ги прифаќаат. Оваа студија, но и голем број други студии, го потврдуваат мислењето дека луѓето од сите генерации чувствуваат непријатност кога ќе се соочат со промена. Всушност, отпорот кон промените нема никаква врска со возраста, туку со тоа колку добивате / губите како резултат на промената. Промената е болна дури и кога води кон подобра иднина. Ако прифаќањето на промените беше лесно, сите ќе ги задржувавме новогодишните резолуции, но на работа, сите ние сме по малку отпорни на нови промени, особено ако тие се случуваат редовно.

Лојалност

Ако добивавме по еден долар секогаш кога ќе прочитаме или слушнеме дека постарата генерација е полојална, веројатно ќе бевме милионери. Истражувањето на Дил покажува дека времето што еден работник го вложува секојдневно на работа е повеќе поврзано со позицијата на таа личност во организациската структура, отколку со возраста. Колку е повисоко нејзиното ниво, толку е поголем и нејзиниот ангажман. Една студија спроведена од компанијата Bridge покажа дека речиси 90 отсто од милениумците преферираат кариерен напредок во рамките на својата компанија, а овие резултати се исто така применливи за секоја генерација. Оттука, вработените се верни на компании кои обезбедуваат кариерен раст.

Учење

Последна, но не и најмалку важна ставка е учењето. Вработените бараат многу повеќе од плата на своите работни места. Тие сакаат можност да учат, да развиваат нови вештини и знаења и да прераснат во лидери. Организациите кои создаваат средини за учење се наградени со висок ангажман и лојалност од страна на своите вработени. Една од главните причини зошто луѓето ги напуштаат своите работодавци е недостатокот на можности за учење и користење на веќе стекнатите вештини и способности. Луѓето сакаат да ги употребат и тренираат своите вештини на работното место и тие имаат тенденција да развиваат чувство на корисност, достигнување и самодоверба.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...