Важи за голем вљубеник во својата професија. Нејзините луѓе ќе речат дека е воркохолик, дека секогаш е прва да помогне и да даде совет и дека никогаш не се плаши да сработи нешто што е предизвикувачки тешко, а таа вели дека ништо не е тешко кога се работи со љубов. Понеделнички, во рубриката „Љубов кон HR“ имавме чест да разговараме со Искра Конеска, HR професионалец и доскорешен директор за човечки ресурси во Прилепска Пиварница.
Искра Конеска веќе 15 години е голем вљубеник во својата професија. Силно верува во тоа дека ако ја работите работата со љубов, тогаш не мора да работите ниту еден ден во животот. Но, за нешто вистински да засакате, најпрво треба да се вљубите во тоа, па така започна и нашиот разговор. Ја прашавме Искра што е тоа што ја натера да се вљуби во HR-от како професија?
Затоа што е исклучително креативна работа чии резултати се доста видливи. Затоа што комуникацијата е една од поважните работи и ме храни, и затоа што секој ден е различен и од секој ден и од секого учам. Потоа можноста да бидеш дел од големата слика во бизнисот во кој работиш, а притоа да ги застапуваш и страната на вработените и страната на компанијата. Човечки ресурси се агенти на промените во една организација, а самото тоа дава можност да бидеш иновативен и инвентивен, да се развиваш, а заедно со тебе да се развиваат и луѓето, т.е самата организација. Затоа што човечки ресурси т.е луѓето се најважната додадена вредност на една организација.
HR-ите најдобро знаат дека кариерната патека е едно уникатно патување за секоја индивидуа. Искра ни раскажа за своите почетоци и нејзиното навлегување во светот на човечките ресурси:
УФ, доста интересна е мојата кариерна патека. Често, кога сум во улога на ментор на студенти кои доаѓаат на практична работа им служам како пример дека е во ред да не го работат тоа што го студирале, и дека е во ред кога теоријата не им се совпаѓа со практичниот дел.
По вокација сум професор по англиски и шпански јазик, со магистратура од економски факултет, МБА менаџмент која ја земав после 10 год од дипломирање со неколку години работно искуство позади себе амо заради полесно да можам да го разберам бизнисот во кој работам но и вработените во тие сектори затоа што имам став дека со текот на времето ние сите стануваме исти како нашата работа.
Очекувано за мојата професија, почнав да работам во основно образование, за по 2 години да сфатам дека не сум јас тоа и не можам тоа да го работам цел живот, за после тоа искуство веднаш продолжам во реален бизнис свет. Мојата кариера во бизнисот ја започнав во Прилепска Пиварница во Прилеп, каде ги научив основите на бизнисот. После неколку години работа во компанијата се преселив во Скопје и се вработив во Некстсенс, ИТ компанија од каде почна мојата прва средба со човечки ресурси. Некстсенс беше местото каде што научив исклучително многу работи поврзано со човечки ресурси, со ИТ како индустрија, како да комуницирам со ИТ луѓе, но исто така ја зголемив и мрежата на контакти затоа што мојот ментор Васко Кроневски, човек со исклучителна визија, беше тотално несебичен кога стануваше збор за моја промоција и вмрежување. Од него научив како да се позиционирам јас но и компанијата за која работам, како да ја промовирам истата но и како да ја поставам на пиедестал на пазарот. Затоа до ден денес колегите од мојата професија па и многу луѓе уште ме знаат како Искра Некстсенс ?
После 6,5 години во ИТ индустрија заминав во Лацталис МК (Идеал Шипка, Дукат, Алпско млеко и Президент) француска компанија од млечната индустрија која буквално „ме просветли“ во делот на човечки ресурси. Таму ги доусовршив сите аспекти на човечки ресурси, научив што е HR контролинг, зошто е важен тој дел во човечки ресурси, но и да се усовршам во перформанс менаџмент, но и во талент менаџмент-убавата работа во човечки ресурси. Хуманата, како што ја викам јас.
И повторно после 4 години работа во Лацталис МК се случи Прилепска Пиварница која самата ме побара / покани да се вратам назад во компанијата и да го имплементирам се она што дотогаш сум го научила. Како да ми дадоа бел хамер и ми рекоа ајде сега нацртај/напиши се што знаеш ? Предизвикот беше голем, да се вратиш во компанијата во која си го почнал твоето искуство во бизнисот и да создадеш уште едно дело на кое ќе ги направиш сите горди. Посебно во твојот роден град каде професијата на човечки ресурси не беше во подем. Резултатот дојде сам по себе, така да во 2019 годината која по многу работи беше успешна за мене, добив награда за најдобар HR менаџер за 2018 година, станав мајка за прв пат и имав јубилеен роденден. За жал, оваа година се случи Ковид-19 кризата, самата по себе донесе предизвици, како за сите така и за мене. Соработката со Прилепска Пиварница заврши и моите предизвици се зголемија. Верувам дека сите од оваа криза ќе излеземе попаметни.
Во 2019 година Искра е добитник на престижната награда HR Менаџер за 2018 година која секоја година ја доделува Македонската асоцијација за човечки ресурси. Прашавме кои се другите големи HR достигнувања со кои Искра особено се гордее?
Можеби тоа е карма, но во сите компании каде што сум работела сум имала за задача да ги креирам секторите. Најголемо достигнување ми е тоа што тие уште живеат и се надоградуваат. Посебно кога ќе се сретнам со стари колеги или нови па ќе речат, ти си Искра таа во Некстенс што направи многу работи? Па уште тие правила, политики се применуваат таму. Тоа е за мене многу значи.
Секако, како за достигнувања ги сметам и неколкуте поважни признанија кои Асоцијацијата за човечки ресурси ми ги има дадено. А посебно сакам да ја истакнам наградата за спроведување на човекови права во бизнисот доделена доделена за прв пат лани, 2019 година од страна на Конект. Особено сум горда на таа награда.
Што би им порачала Искра на сите кои размислуваат за кариера во HR?
Дека не е страшно, но и дека бара доста посветеност во работата. Многу емпатија, многу комуникација, желба за учење нови работи за да можеме да бидеме во тек со актуелните случувања. И да не се откажуваат од тоа што сакаат да го постигнат.
За крај, ја прашавме Искра што мисли за нашиот портал 24HR?
Одлична идеја, освежување за сите. Многу ми се допаѓаат содржините кои се споделуваат на дневно ниво, а особено ми се допаѓа достапноста на порталот. На време се појави портал каде на едно место можеш многу работи да прочиташ, корисни совети посебно сега во овој период кога сите ние, а најмногу човечки ресурси се соочува со низа предизвици предизвикани од Ковид-19.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.