Дарко Петровски: 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси ќе биде уникатно искуство за македонските HR професионалци

од 24HR

Интервју со Дарко Петровски – Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси која е организатор на 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси што ќе се одржи на 3-ти и 4-ти декември 2020 година.

Македонската асоцијација за човечки ресурси дванаесетта година по ред ве поканува да бидете дел од најголемиот годишен настан за HR професионалци во земјава, 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси. Оваа година, 12-тото издание на MHRA CONFERENCE доаѓа во дводневно онлајн издание, а покрај шансата да се слушнат презентации од врвни и докажани авторитети од областа, настанот вклучува и HR Expo – интерактивна платформа преку која професионалците за човечки ресурси ќе може да се запознаат со најновите HR продукти и услуги кои ги нудат компаниите кои се специјализирани во оваа дејност.

Порталот 24HR како главен медиумски покровител на настанот преку интервју со Дарко Петровски – Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси се обиде да ви долови што сѐ ве очекува на 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси во организација на МАЧР и зошто треба да бидете дел од најголемото HR случување во Македонија.

На 3-ти и 4-ти декември 2020 година ќе се одржи 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси во организација на МАЧР: “Future-Fit Organizations: Proactive HR”. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

Мотото на Македонската асоцијација за човечки ресурси е „Луѓето пред сѐ. Тоа произлегува од важноста и значењето на човечкиот капитал, најважниот капитал на 21 век не само за компаниите и организациите, туку и за секоја земја. Оттаму произлегува и клучната важност на професијата за менаџирање со луѓето, претставена преку нашето здружение.

Годишната меѓународна конференција е најголем и централен настан на Македонската асоцијација за човечки ресурси преку кој ја остваруваме нашата мисија за развој на професионалците и промоција на професијата менаџмент со човечките ресурси. Оваа година, како резултат на рестриктивните мерки преземени од државните институции, но и рестрикциите во речиси сите земји на глобално ниво, не бевме во можност нашиот најголем настан да го одржиме во редовниот термин, кој и за оваа година беше најавен и во целост подготвен за 20 мај, Меѓународниот HR ден.

Терминот моравме да го откажеме и иако се надевавме на поповолен развој на состојбите, по неколку одложувања сепак одлучивме да ја одржиме на крајот од оваа година, на 3 и 4 декември, бидејќи тоа им го должиме на нашите индивидуални и корпоративни членови, партнери и верни поддржувачи, на менаџерите на компаниите и претставниците на целото македонско стопанство, а пред се на нашите HR професионалци, експерти, тренери и обучувачи, ментори и коучи.

Насловот на темата, за која се одлучивме пред повеќе од една година, го потврди визионерството на Управниот одбор на асоцијацијата и доби целосна верификација токму во оваа година исполнета со страв кај луѓето, економска криза, несигурност и неизвесност. Токму во вакви изменети услови на работење, HR професионалците беа на испит да обезбедат модели и да направат трансформација на многу претходно востановени процеси и да го прилагодат функционирањето на системите каде луѓето играат клучна улога. Многу од трансформативните процеси го истакнаат значењето на дигитализацијата во организациите кои неминовно треба да се вклопат во иднината. Слободно може да кажеме дека иднината за организациите дојде преку ноќ, многу побрзо отколку што ја очекувавме.

Но, улогата на HR менаџерите и професионалците во компаниите не беше само во ремоделирање на системите и процесите, туку и во обезбедување на секојдневните потреби на своите вработени за заштита, чувство на сигурност, флексибилизација на организациските правила и прилагодување кон новите потреби на семејството и децата, предизвикани од новонаметнатите режими на работа на детските градинки, училиштата и факултетите, сообраќајот и трговската мрежа, институциите итн.

И конечно, проактивноста на HR професионалците беше и продолжува во обезбедувањето ментална поддршка за своите вработени за справување со промените што ги донесе една ваква неизвесна состојба во која се најде целокупното општество на нашата планета. Промените реално претставуваат константа на која веќе се научени пред сѐ организациите во секое деловно опкружување.

И покрај тоа што оваа година конференцијата ни доаѓа во виртуелно издание, МАЧР како организатор вложува максимален напор и ресурси кои гарантираат задржување на стандардот кој го поставивте со претходните 11 конференции. Што треба да очекуваме од 12-тото издание на меѓународната конфереција за човечки ресурси?

Веќе неколку години по ред, нашите конференции се едни од најпрестижните бизнис настани кај нас со присуство на повеќе од 300 учесници од регионот и пошироко. И оваа година, иако во видоизменет формат како онлајн конференција, ќе понудиме врвно искуство за учесниците и програма исполнета со актуелни содржини и квалитетни говорници од повеќе земји од Европа и светот. За отворањето на конференцијата особено ни укажа чест г. Боб Мортон, Претседател на Светската федерација на асоцијации за менаџмент со луѓе, кој ќе говори за „Иднината на работата“.

Покрај богатата програма што ја составивме во делот на говорниците кои ќе ни ги пренесат своите модели, концепти, искуства и практики, годинава имавме посебен предизвик и ние да направиме трансформација и во организацијата на конференцијата да вклучиме најнапредни дигитални технологии и да обезбедиме не помало искуство од тоа на што се навикнати нашите учесници на претходните конференции. Иако конктот во живо со ништо не може да се замени, ние се потрудивме да обезбедиме платформа за реализација на конференцијата која ќе понуди и дополнителни содржини во однос на претходните, а сето тоа да протече флуентно и да има еден префинет тек како и во минатите години.

Електронската платформа, која на мое задоволство е дизајн и е придвижувана од македонски експерти чиј ентузијазам и професионалност се темел за успешното спроведување на конференцијата, ќе овозможи и низа на можности за меѓусебно поврзување на сите учесници на конференцијата и разговор на теми од обостран интерес.

Актуелноста и важноста на темата на конферецијата привлече повеќе светски докажани и искусни професионалци, креатори на трендови, универзитетски професори и експерти да се вклучат и да го споделат своето знаење и искуство на конференцијата. Кои се предавачите кои ќе бидат дел од овој настан?

Програмата е извонредно богата и вклучува повеќе од 20 говорници, луѓе од професијата и искусни менаџери како д-р Андреја Кодрин од Словенија, Роб Еванс од Англија, Арпи Карапетијан од Ерменија, Ана Илијано и Карламариа Тибуртини од Италија кои ќе ни пренесат конкретни практики од средините во кои работат. Годинава можност да се претстават во една ваква улога ќе имаат и двајца млади македонски професионалци Анѓела Костова Трпеска и Филип Петровски кои ќе ни покажат дека и кај нас се зборува со јазикот на дигитализацијата, работата со податоци и методологиите на агилност во човечките ресурси.

Академската фела, претставена преку професор д-р Хендрик Себастиaан Дрикус Крик од престижната ИЕДЦ-Бледска школа за менаџмент и професорот д-р Џовани Оскар Серафини од Меѓународниот Универзитет Шефилд – Сити колеџот од Солун, и годинава ќе ги претстави најновите концептуални модели за организациско учење и вклопување на компаниите и организациите во предизвиците на иднината.

Програмата на конференцијата оваа година ќе обезбеди и панел со претставници од повеќе земји во Јужна и Југоисточна Европа, како Бугарија, Италија, Шпанија, Србија, Хрватска и други, нешто што нашата асоцијација го иницираше пред една и пол година во рамките на Европската асоцијација за менаџмент со луѓе (EAPM). Се работи со земји кои во многу нешта имаат сличности од аспект на пазарот на трудот, но и во менталитетот и однесувањето на луѓето во една организациска средина и потребите од нивен професионален развој. На панелот ќе дискутираме теми кои се заеднички за целиот регион во напорите за зајакнување на економиите преку развој на организациите и компаниите и зголемување на конкурентноста преку успешно менаџирање со луѓето, справувањето со одливот на работната сила и мозоците и зголемувањето на нивото на иновативност и продуктивност.

Во склоп на конференцијата, организирате и виртуелен HR Expo каде што компаниите учесници ќе ги претстават HR услугите кои ги нудат во своето портфолио. Како може да се биде дел од HR Expo и кои се бенефитите од тоа?

Нашата платформа ќе обезбеди еден интерактивен модул за веќе познатата манифестација која ги следи нашите конференции, познатото HR-Експо. На него ќе можат да се презентираат преку мултимедијални содржини сите наши обезбедувачи на услуги од областа на HR, како што се тренинзи и обуки, консалтинг, софтверски алатки и други иновативни продукти. Истовремено, учесниците ќе можат да си договорат термин и да стапат во директен контакт со излагачите.

Годинава ќе понудиме и можност за „бесплатно учење“ преку кои учесниците на настанот ќе можат да присуствуваат на образовни работилници од страна на излагачите на нашето HR-Експо и ќе можат конференцијата да ја запаметат по конкретни придобивки за својот личен и професионален развој.

Свое место секако ќе имаат и нашите спонзори и поддржувачи и корпоративни членови, кои се главните потпори за нашите конференции и клучен чинител за одржливоста на нашата извршна канцеларија како двигател на сите наши активности.

Кои се вашите очекувања од 12-тата меѓународна конференција за човечки ресурси, имајќи го предвид фактот дека годинава за првпат конференцијата ќе се одржува онлајн?

Нашите цели се да и понудиме на нашата публика едно врвно искуство прилагодено на условите и времето кое го живееме и да придонесеме како Асоцијација во развојот на македонската економија преку унапредување на вештините на сите менаџери, од врвниот менаџмент па се до линиските менаџери и се разбира, на менаџерите, професионалците и експертите што секојдневно се ангажирани во менаџментот со луѓето и вработените во организациите.

Очекуваме сите компании кои работат на својата конкурентност преку своите вработени, особено оние чија цел е конкурентност и на пазарите надвор од нашите граници да бидат во листата на учесници и да ја проследат програмата и да ги искористат понудените содржини на 12 меѓународна конференција на МАЧР.

Очекуваме учесници и од странство и искористување на можностите за поврзување на нашите менаџери и HR професионалци со колеги од регионот и од другите европски земји. Се надеваме дека со овој настан МАЧР ќе ја задржи својата репутација на едно од најреспектабилните професионални здруженија во земјата и регионот, а меѓународната годишна Конференција на МАЧР во еден од најпрестижните бизнис настани кај нас.

За крај, како и каде може да се регистрираат сите кои се заинтересирани да го следат овој настан?

Сите заинтересирани за учество на 12 меѓународна годишна конференција на МАЧР можат сите информации за и околу конференцијата да ги погледаат на нашата веб страница www.mhraconference.mk, како и преку нашите профили на социјалните медиуми LinkedIn, Facebook и Instagram. Со следење на упатствата за регистрација од нашата веб страна, заинтересираните ќе можат да се пријават и дури и да платат за своето учество онлајн преку нашата специјална платформа за е-комерција.

За сите други прашања, стоиме на располагање во нашите простории на бул. ВМРО бр. 7/1-7 или на телефонскиот број 078/389-277.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...