Колумна на Наташа Ивановска – HR консултант, тренер, кариерен и бизнис коуч и основач на консултантската компанија INSIGHT Group.
Што значи поимот учинок? Ако го пребарате значењето на овој поим во речник, ќе дојдете до објаснувања поврзани со постигнување на резултат, цел, ефекти од одредена активност. Учинокот кажува колку начинот на кој што нешто работиме – доведува до посакуваната крајна цел. Не е важно само колку работиме – важно е колкав и каков е резултатот од таа работа! Со овој концепт, фокусот на работното време како часови поминати на работното место – преминува кон резултати од работата во тие часови.
Прашајте се: колку вашите вработени знаат ШТО ТОЧНО ТРЕБА ДА ПОСТИГНАТ во тие осум часа работно време? Колку единици производ да продадат, колку анализи да изработат, како ќе се мери и оцени квалитетот на нивната работа?
Во недостаток на овие информации – вработените заклучуваат: доаѓаме да сработиме ШТО ЌЕ НИ СЕ КАЖЕ, или, да работиме колку ќе можеме. Во најлош случај, доаѓаат да поминат осум часа на работното место, и за тоа, секако очекуваат плата за која се договориле. Дали платата се добива за присуство или за некој продукт, услуга – за УЧИНОК кој ќе го има вработениот? Ако сте работодавач, го знаете одговорот.
Што се индикатори за учинок?
Поставувањето индикатори (соодноси, формули) по кои ќе знаеме КАКО да ги мериме резултатите ни ја дава вистинската слика како работиме. Колку клиенти услужуваме за еден час? Колку повици во центарот за грижа на корисници добиваат одговор во еден ден? Колку од нив се задоволни? Колкав број од проектите имаат профитабилност над 20 проценти? Како ја мериме профитабилноста? За колку време успеваме да регрутираме за одредена позиција? Колкав е одливот на вработени за една година? Колкав е индексот на ангажираност на вработените?
Ова ја дава сликата за тоа како работиме, колку сме успешни, каква слика имаат за нас клиентите и колку вработените го даваат најдобриот придонес во компанијата, а не (единствено) износот на средства на сметката.
Следниот чекор е – индикаторот да се поврзе со одредено ниво (ТАРГЕТ). Дали сметаме дека треба да услужуваме дваесет клиенти на час? Или повеќе? Или помалку? Што викаат стандардите, колкав е таргетот во индустријата и кај конкуренцијата? Само така ќе знаеме КАКО СТОИМЕ СО НАШЕТО НИВО НА УСЛУГА. И така за сите сектори…
ТОА ШТО СЕ МЕРИ – ТОА СЕ ПОСТИГНУВА!
Од каде се почнува?
Почетокот е секогаш големата слика – ВИЗИЈАТА која компанијата ја има за развој на кратко или подолго време. Визијата е посакувана дестинација изразена со конкретни бројки и специфични цели. Каде (идеално) сакаме да бидеме за две, за пет години? Врзано со ова – КАКО можеме тоа да го постигнеме? Со кои ресурси, процеси и ИНДИКАТОРИ можеме да обезбедиме остварување на оваа визија? Ова се големи прашања, кои се во основата на работењето на секоја компанија и се поставуваат на највисоко, стратешко ниво. Уште поважно, тие треба да се каскадираат низ организацијата – ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊАТА треба да му се познати на секој вработен! Така секој ќе знае како преку својот личнен придонес и ИНДИКАТОРИТЕ кои си ги има за своето работно место, директно ќе придонесува кон остварувањето на визијата. Едноставно – нема друг начин!
Низ работата со македонските компании во минатите дваесетина години имаме различни приказни. Во контекст на темата, низ искуството и практично можеме да посведочиме дека успешните компании имаат нешто заедничко – ЈАСНА ВИЗИЈА, системи, процеси и вистински луѓе на вистински позиции кои знаат и можат таа визија и да ја остварат. Навистина нема рецепт за успех, но има наука за управување со организациите од која вреди да се земат и применат најдобрите светски практики, како што се системите за управување со учинокот.
За авторот:
Наташа Ивановска е Консултант за човечки ресурси и маркетинг, сертифициран обучувач и бизнис коуч. Над дваесет години искуство на менаџерски позиции специјализирани за управување со човечки ресурси, маркетинг и односи со јавност. Формално образование на Технолошкиот факултет во Скопје и постдипломски студии на Sheffield University – City College of Thessaloniki. Од 2012, Ивановска има престижна специјализација за коучинг на програмата „Art and Science of Coaching“ (TASC) при Ериксон Коучинг Колеџот од Канада. Има државен сертификат за обучувач на возрасни и за обучувач на обучувачи за возрасни. Други поважни квалификации опфаќаат: сертификација за Мастер обучувач за методологијата на Core Strengths, DISC консултант, Сертифициран меѓународен фасилитатор за кариерен развој (Global Career Development Facilitator GCDF), Сертификат за Бизнис Коучинг на Нобл Менхентен Коучинг од Англија, Сертификација за KPI – Kлучни индикатори за учинок на KPI Institute, Австралија.Клучна експертиза има за организациски развој на компании преку воспоставување процеси и системи за работа со човечкиот капитал за постигнување на бизнис целите и овозможување одржлив развој. Од 2011 е основач на консултантската агенција INSIGHT Group, www.insight.mk чие водечко мото е: „Го развиваме вашиот внатрешен потенцијал“.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.