Благодарни сме што во Сеавус имаме многу посветени луѓе

од 24HR

Интервју со Оливера Геговска, менаџер за човечки ресурси во Сеавус

Да се биде дел од Сеавус, значи да се биде дел од компанија која се грижи не само за испорака на резултати, туку и за останати различни аспекти од работата и животот на луѓето – компанија која има флексибилност да ги усогласи професионалните обврски со приватниот живот на вработените, постојано давајќи им до знаење дека припаѓаат на големо, меѓународно семејство, кое е секојдневно тука за нив. За важноста на човечките ресурси разговараме со Оливера Геговска, менаџер за човечки ресурси во Сеавус, дел од Групацијата Арикома, најголемиот IT холдинг во Чешка.

Како се справуваше Сеавус со пандемијата, како во однос на финансиските резултати, така и во однос на условите за работа – пренасочувањето на работа од дома, како и управувањето со односите со вработените и клиентите?

Минатата година беше предизвик за нас, како и за многу други компании. Светот забрзано се  промени, начинот на кој комуницираме, планирањето на работните обврски, односот со нашите клиенти и колеги, како и начинот на кој го водиме бизнисот воопшто. Кога безбедноста и здравјето на нашите вработени и луѓето ширум светот беа под непосредна закана, тоа за нас значеше дека заштитата е најголем приоритет, па веднаш воведовме работа од дома, како корпоративен стандард, на ниво на групација. Овој модел на работа не е новина за нас, во смисла на тоа како се справувавме со деловните потфати, многу години пред пандемијата. Целокупната потребна опрема, процеси, стандарди и алатки кои треба да го овозможат ваков вид на пристап, ги имавме многу порано поставено.

Сепак, и покрај сите промени и потешкотии на глобално ниво, 2020 година беше најдобрата година за нас, во смисла на деловни можности. Во прилог на сето ова, меѓу другото во 2020 година имавме и значајна стратешка пресвртница. Сеавус стана дел од Групацијата Арикома,  најголемиот IT холдинг во Чешка, кој е дел од KKCG на Карел Комарек.

„Концептот на урамнотеженост помеѓу професионалниот и приватниот живот, има за цел зајакнување на позитивната организациска клима и атмосфера, на сите нивоа. Со обезбедување на соодветни услови за работа, ние го олеснуваме создавањето на здрава, мотивациска средина, што ќе го задржи постоечкиот и ќе привлече нов талент“.

Каква корпоративна култура развива Сеавус? Еве на пример, во однос на концептот – урамнотеженост помеѓу професионалниот и приватниот животот, особено значаен во време на пандемијата, кога како што рековте, целиот процес на работа и комуникација се промени глобално?

За нас, многу значаен концепт. Благосостојбата на нашите вработени е од особена важност и е составен дел од нашата корпоративна култура, дури и пред пандемијата. Концептот за урамнотеженост помеѓу професионалниот и приватниот животот, има за цел зајакнување на позитивната организациска клима и атмосфера, на сите нивоа. Со обезбедување на соодветни услови за работа, ние го олеснуваме создавањето на здрава, мотивациска средина што ќе го задржи постоечкиот и ќе привлече нов талент. Нашите пакети за бенефиции се насочени и кон подобрување на квалитетот на животот на вработените, рамнотежата, односите помеѓу луѓето, зближувањето, како и целокупната физичка и ментална благосостојба. Категориите на кои обрнуваме особено внимание во оваа насока се: стрес, вознемиреност и издржливост (цврстина); семејство, деца и градење релации; продуктивност и перформанса; здрав начин на живот, физичка активност и свесност за телото; пристап “сега и тука” и медитација.  Дополнително имаме: линија за помош и за професионална психолошка поддршка; како и неминовните  – социјализација, забава и уметност. Омилени сегменти од нашиот корпоративен живот се токму социјалните настани, собири, дружење со колегите, како и забави во физички и виртуелни услови.

Какви можности за развој на кариерата негува Сеавус?

Кога станува збор за можностите за кариерен развој, нашата компанија работи напорно за да понуди постојан напредок и раст на вработените. Оваа посветеност, повеќе од 10 години, придонесе за воспоставување различни можности за обука и развој, што резултира со континуирано проширување на знаењата и вештините. Целта на овој процес е да се дефинира стандардизирана линија на активности, што треба да ги преземат како раководството, така и Одделот за човечки ресурси на компанијата, за да се зацврсти знаењето и стручната подготвеност, што ги поседуваат нашите вработени. Сеавус ги креира своите разновидни програми за обука, врз основа на општата проценка на потребите за корпоративна обука, целната публика, барањата од страна на клиентите, како и планирањето и стратешкиот пристап за понатамошниот развој на компанијата. Земајќи ги предвид сите овие елементи, како и неопходноста од синергија помеѓу техничките и социјалните “меки” вештини, нашата компанија инвестира во најразновидни конференции, обуки, работилници, сертификации, обезбедени од надворешни обучувачи; како и сопствени внатрешни програми за професионален развој и тим-билдинзи со интерни обучувачи, наменети за специфична нестандардна едукација и развој, на сите корпоративни нивоа.

“Што се однесува до развојот на кариерата поврзана со технологиите, нашата компанија нуди широк спектар на настани за едукација и развој во областа на технологиите: Microsoft, .NET, Embedded C, C++, C#, Java, Linux, Cisco, Front End, Oracle, Quality Assurance, DBA, Azzure, Magento, Project Management, итн. Дополнително, компанијата опфаќа и ефукација во областа на развој на социјалните “меки” вештини“.

Може ли да нѝ кажете повеќе за тоа каков вид обуки нудите, како изгледа процесот?

Нашата посветеност на едукативни програми и развој на кариерата, започнува уште при самото вработување во Сеавус. Новите вработени во нашата компанија, во зависносто од нивната позиција, се сретнуваат со основната и напредната програма за воведување во работата на организацијата (onboarding), што им дава најважни информации за начинот, методологијата и пристапот кон работењето, за тоа како: комуницираме, го планираме нашето време, работиме со нашите тимови, одлучуваме, решаваме проблематични ситуации, ја одржуваме нашата култура, и како сме усогласени со внатрешните процеси и процедури. Згора на тоа, ние организираме широк спектар на дигитални обуки, кои се достапни преку едукативна платформа по потреба, за одредени целни групи на вработени. Што се однесува до развојот на кариерата поврзана со технологиите, нашата компанија нуди широк спектар на настани за едукација и развој во областа на технологиите: Microsoft, .NET, Embedded C, C++, C#, Java, Linux, Cisco, Front End, Oracle, Quality Assurance, DBA, Azzure, Magento, Project Management, итн. Дополнително, компанијата опфаќа едукација и програми во областа на социјалните “меки” вештини, како што се: комуникациски вештини, управување со време, работа во тимови, безбедност и свест за животната средина, свесност за безбедност и заштита на лични податоци, одговорност и отчетност, вештини за бизнис кореспонденција, деловна етика, вештини за презентирање, менторство, евалуација на перформанса, обучување на тренери, преговарачки вештини, влијание, справување со конфликти, донесување одлуки, управување со промени, издржливост, како и часови по англиски јазик, програми за продажба, менаџерски и лидерски програми за едуцирање на високи менаџерски позиции, итн. Исто така инвестираме во едукација и развој на кариерата не само за вработените, туку и за огромно мнозинство надворешни кандидати и студенти од техничките факултети, преку организирање специјализирани настани: хакатони, Code Talks, технолошки предизвици, програми за млади таленти и друг тип соработка со факултети и образовни институции. Нашата посветеност кон длабокиот развој на кариерата на сите нивоа во компанијата, може да се види и преку делувањето на Сеавус Едукативниот и Развоен Центар (СЕДЦ).

Каква е иднината за начинот на работа во Сеавус? Колку долго ќе работите од дома?

Концептот на далечинско работење може да функционира само ако се заснова на: посветеност на вработените, професионалност, конзистентен ангажман, транспарентност и доверба. Ние сме навистина благодарни што во нашата компанија имаме толку многу луѓе со токму вакво ниво на посветеност. Кога станува збор за работното окружување, спроведуваме периодични истражувања за испитување на пулсот на вработените, на корпоративно ниво. Резултатите од овие истражувања покажуваат дека приближно 70% од вработените, тежнеат кон продолжување на работа од дома и во блиска иднина. Така што, засега, сигурно го продолжуваме овој глобален далечински пристап на работа, барем до крајот на 2021 година. Што се однесува до следната календарска година, во зависност од потребите на вработените, барањата на клиентите, природата на работните задачи, сигурно ќе имаме модифициран хибриден модел – од канцеларија и од дома, бидејќи не постои само едно решение погодно за сите. Во моментов со нашиот менаџмент тим, работиме на начините за поддршка на овој нов хибриден модел на работа, бидејќи промената, исто така бара исклучителни вештини за управување со промените. Еден од плановите за блиска иднина, на пример, ќе биде да обезбедиме нов свеж изглед на нашите канцелариски простории, трансформирајќи ги во отворен простор за работа што може да го поддржи овој нов хибриден модел. Можностите што ќе ги донесе оваа трансформација се бесконечни, само небото е граница.

Што значи живот во Сеавус? Како влијае на вас лично?

За мене лично, да се ​​биде во Сеавус повеќе од 15 години е обележје и достигнување. Ако можам да посочам некои од аспектите што ме држат цврсто во компанијата тогаш тоа e тимот за човечки ресурси кој ми е секојдневна силна поддршка, тим кој е посветен на грижата за вработените;  потоа мотивацијата која доаѓа од можностите за развој на кариерата, како и довербата, чувството на припадност, можноста за самостојна работа, флексибилноста што ми е дадена, отворената и транспарентна комуникација. Морам да го спомнам и работење со исклучителен лидерски тим, од кој можете да научите и да растете, кој истовремено е отворен за нови идеи, и ја носи компанијата напред. Исто така, не можам да ги заборавам најдобрите забави пред пандемијата и поврзаноста и блискоста што тие ја создаваат кај луѓето, што недостасува во овој период. Сепак, сигурна сум дека наскоро ќе ги вратиме и ќе бидат уште подобри. Конечно, она што се издвојува, се односите помеѓу луѓето, начинот на кој разговараме, се слушаме, се предизвикуваме и поддржуваме меѓусебе, начинот на кој се грижиме за и помеѓу себе. Со години сум сѐ повеќе и повеќе обземена од ова чувство, да бидам дел од компанија која се грижи не само за испорака на резултати, туку и за други, различни аспекти од работата и животот на луѓето, компанија која има флексибилност да ги усогласи професионалните обврски со приватниот живот на вработените, постојано давајќи им до знаење дека припаѓаат на големо,  меѓународно семејство, кое е секојдневно тука за нив.

За Оливера Геговска

Оливера Геговска е менаџер за човечки ресурси, одговорна за континуирана работа на проценка, развој и ангажман на сите вработени во Сеавус. Пред да биде назначена на нејзината сегашна позиција во септември 2010 година, Оливера Геговска работеше како специјалист за обука и развој од 2005 година, што повлече целокупна одговорност за развојот на луѓето во Сеавус. Од 2001 до 2005 година, таа дејствуваше како Координатор на многу проекти во хуманитарната област. Оливера Геговска е дипломиран МБА за менаџмент на човечки ресурси на Државниот институт за Политички и Правни истражувања.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...