#БЛАГОДАРНОСТА во деловниот свет

од 24HR

Колумна на Ана Салтирова Давидовски – Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP Тренер и Коуч и автор на детската интерактивна книга „Благодарам“.

Има ли место за #Благодарноста во деловниот свет?

#Благодарноста е лесна и бесплатна, и целосно зависи од ставот и фокусот кој ќе го постави поединецот и/или организацијата.

#Благодарноста е многу повеќе од кажување на благодарам за добро завршена работа или за добивање на некое добро кое се вреднува. #Благодарноста е став, начин како гледаме на сѐ она што не окружува. Покрај тоа што #Благодарноста е добра за нас добра е и за луѓето околу нас. Сите ги знаеме оние луѓе кои зрачат поинаку и кои се радуваме што ни го пресретнале патот за разлика од оние „другите луѓе“.

Ако #Благодарноста е став со кој фокусот го ставаме на она што е добро од една страна и од друга страна, способноста да се погледне од друг контекст на оние работи кои што сме ги добиле како непосакуван/не очекуван резултат тогаш истата е повеќе од добредојдена да го посети деловниот свет.

Како општествена вредност #Благодарноста носи некои научно докажани придобивки. Пред да ја поканиме да го посети деловниот свет да провериме дали научно докажаните квалитети се висока вредност за модерната организација или не. Во продолжение се некои од придобивките кои ги уживаат благодарните луѓе:

  • посреќни се
  • поздрави се
  • имаат поздрави срца
  • вежбаат повеќе
  • имаат подобар сон
  • оптимистични се
  • полесно ги надминуваат препреките т.е. развиваат резилиентност
  • великодушни се со своето време и пари
  • полесно простуваат и градат добри релации со луѓето околу нив
  • ја поттикнуваат самодовербата кај другите и инспирираат да се продолжи со благодарниот став
  • благодарноста е едно од делотворните решенија за справување со чувство на исклученост, осаменост, несигурност и неисполнетост
  • благодарноста е двонасочна и давателот и примателот ги уживаат придобивките од истата.

Доколку организацијата ги препознава овие квалитети како значајни за успех на организацијата и поединецот во неа, ставот на #Благодарност може да почне да се негува со внесување на практики кои ја поттикнуваат #Благодарностa. Пред да ве повикам да генерираме заедно нови идеи за тоа како може да и посакаме топло добредојде на #Благодарноста во деловниот свет, да споделам некои од практиките кои ние во АМСМ ги правиме.

#1 Благодарам за колега преку програмата Пофали колега – меѓусебната соработка е многу значајна и директно влијае на крајните резултати и постигнувањето на поставените цели, оваа програма има за цел да им даде можност на сите вработени да искажат благодарност на своите колеги кои со својата работа ја подржуваат нивната работа, кои со своето однесување прават позитивна разлика, кои се позитивни и со кои се сака да се соработува, да искажат благодарност за дадена поддршка, брзо завршена работа, да искажат благодарност за колегите кои кога ги нема не е исто. Во оваа програма учествуваат сите вработени а својата благодарност може да ја искажат на меил креиран за оваа програма следејќи ја следната форма (кој направил нешто, што направил и како тоа влијаело т.е. зошто е тоа значајно). Оваа пофалба заедно со слика е поставена на ѕидот на успехот и во месечниот Е-весник наменет за вработените во системот на АМСМ, внесена е во персонално досие на вработениот а на крајот на годината на свечената прослава колегата/колешката добива и писмено признание.

#2 Чоколадо со картичка Благодарам за сите колеги кои добиле пофалба од корисник кој што се реферирал на нивното име. Ова слатко внимание го добиваат сите вработени секогаш кога ќе добијат пофалба од корисник а истата пофалба заедно со слика е поставена на ѕидот на успехот и во месечниот Е-весник наменет за вработените во системот на АМСМ, внесена е во персонално досие на вработениот а на крајот на годината на свечената прослава колегата/колешката добива и писмено признание во кое се наведени сите пофалби доколку се повеќе.

#3 Коучинг култура –активно работиме за развивање на коучинг култура и вештини кај сите вработени кои имаат менаџерска функција и кои водат луѓе во својот пристап на водење на луѓето да го вклучат и фидбекот кој нема корективна функција, туку има за цел да даде признание за добро завршената работа, дека истата е видена, препознаена и вреднувана. Луѓето сакаат да слушнат дека добро ја извршуваат својата работа се додека тоа не е манипулација за извршување на друга работа.

#4 Затворена ФБ група (во размислување и осмислување) –по завршен проект, по затворен квартал, година споделување на слики и/или наративно наведување 5 работи од проектот/кварталот/годината за кои што си благодарен/а и 1 научена лекција.

Дали верувате дека доколку ја зачиниме организациската култура со вредност како што е #Благодарноста тоа ќе направи позитивна разлика? #Благодарноста е како мускул кој со редовно практикување може значително да се унапреди и да ни овозможи на сите да уживаме во научно докажаните придобивки.

Кои се вашите практики за интегрирање на #Благодарноста во организациската култура? Дали тоа го правите свесно и планирано? Дали некои од овие практики ве поттикнаа на размислување за тоа што е она што е можно да се направи во вашата организација?

Сите ваши успешни практики можете и да ги промовирате и една од HR наградите кои ги доделува Македонската асоцијација за Човечки ресурси – HR практика на годината која има за цел препознавање, признание, промоција, споделување, меѓусебно учење и развој на сите нас заедно во HR семејството, побарајте повеќе информации за HR наградите на www.mhra.mk. Уште интересни содржини на HR тема во 14 број/април 2022 Човечки капитал на Македонската асоцијација за Човечки ресурси

За авторот:

Ана Салтирова Давидовски е социјален работник кој има магистрирано на менаџмент на човечки ресурси, работи како Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP Тренер и Coach, Тренер за меки вештини. Таа е член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси, една од иницијаторите за формирање на огранокот за коучинг при Македонската асоцијација за човечки ресурси и активна е на повеќе проекти за развој на човечките ресурси во Македонија и промоција на професијата. Автор е на детската интерактивна книга „Благодарам“ преку која методологијата на NLP ја доближи до најмалите. Последниот проект на кој страсно работи е кампањата „Личен избор“ која има за цел свесна промена на фокусот на мислата со јасна цел за враќање на доброто расположение повторно во мода, преку која има и бесплатни материјали наменети за родителите.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...