Кандидатите за работа очекуваат ист третман како и потрошувачите

од 24HR

„Искуството на кандидатот започнува уште пред да „кликне“ аплицирај, уште првиот момент кога некој комуницирал за брендот / работодавачот“, пишува Лилјана Бојковска, HR ентузијаст и Partner Relation Manager во ИУТЕ Кредит Македонија.

Искуството на кандидатот ги вклучува сите процеси за време на вработувањето – барање работа, аплицирање, интервју и onboarding, и започнува уште пред кандидатот да аплицира за работа. Според истражувањата 48% од кандидатите имаат претходни информации уште пред да аплицираат за работа, преку интеракции со пријатели, семејство, општа свест за брендот и угледот на организацијата како клиент или преку сегашен/поранешен вработен во компанијата.

Како што регрутирањето сè повеќе се дигитализира, регрутерите имаат можност да користат технолошки решенија за регрутирање и алатки за да дизајнираат подобро искуство со кандидатите. Да се ​​обезбеди позитивно искуство со кандидатот веќе не е само опција, тоа е деловен императив со многу реални последици. Од друга страна, позитивното искуство со кандидатот може да поттикне раст на бизнисот. Истражувањата укажуваат дека кандидатите кои имале добро искуство со компанија, најверојатно ќе станат нови клиенти, додека лошите искуства на кандидатите влијаат на брендот на компанијата.

Кандидатите очекуваат ист третман како и потрошувачите!

Тие сакаат релевантен ангажман од компаниите и исто ниво на персонализација и третман. Најдоброто искуство на кандидатот е создавање можности во кои се чувствуваат реално, хумано и автентично. Станува збор за градење персонализирани односи со луѓе, а не само обработка на биографии.

Зошто искуството на кандидатот е важно?

Сите знаеме дека голем број од кандидатите минуваат низ лошо искуство при аплицирање на ново работно место и истото искуство го споделуваат. Голем број на компании или познати брендови мислат дека се имуни на тоа, само половина од компаниите имаат повисоки резултати преку модулот „Препорачај пријател“. Атрактивноста на компанијата се согледува уште при самата објава на огласот во квалитетот на апликациите што ги добиваат за објавените позиции.

Секогаш се навраќаме на истото: Одличните кандидати имаат повеќе опции од кога било досега!

Работните места се отворени подолго, информациите за работодавачите се исто така полесно достапни. Ако брендот на работодавачот е лошо поставен на различни канали, ако страницата за кариера е комплицирана за снаоѓање, или ако процесот на аплицирање е долг, тоа ја става компанијата зад конкурентите кои нудат искуство, со минимален потрошен напор од страна на кандидатот. Кандидатите ја „доживуваат“ компанијата преку повеќе канали и патување со многу станици. Одржувањето на сите тие канали е работа на операции во позадина, автоматизација, метрика, анализа.

Целта е работодавачите да им обезбедат на кандидатите прекрасно и ненаметливо патување. Градењето на пристојно искуство со кандидатите бара многу работа. Треба да се размисли за секој чекор од патувањето, од првиот пат кога кандидатот пристапува на страницата за кариера/вработување до прегледите што ги чита, до апликацијата што ја пополнува, до таа последна размена кога ќе добие понуда или одбиеница.

Кандидатите кои се информирани за статусот или одлуката за нивната апликација имаат 3,5 пати поголема веројатност повторно да аплицираат во таа компанија што ги одбила, а 85% се сомневаат дека некој воопшто ја разгледал нивната апликација.

Искуството на кандидатот започнува уште пред да „кликне“ аплицирај, уште првиот момент кога некој комуницирал за брендот/работодавачот. За да се создаде одлично кандидатско искуство, треба добро да се размисли како изгледа целиот процес на вработување од почеток до крај.

За авторот:

Лилјана Бојковска е HR ентузијаст и Магистер за управување со човечки ресурси на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје. Во својата кариера била дел од компании со динамични HR системи, а во моментов работи како Partner Relation Manager во ИУТЕ Кредит Македонија – позиција која има многу допирни точки со HR.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...