ЕФЕКТИВНИ ЧЕКОРИ КАКО ДА ПОБАРАТЕ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТА

од 24HR

Барањето покачување на платата е вештина која секој вработен треба да ја совлада. Без разлика дали работите во компанија со јасно дефинирани процеси за унапредување или во средина каде што треба самите да се изборите за повисока плата, важно е да пристапите стратешки и добро подготвени. Еве неколку ефективни чекори кои ќе ви помогнат да го направите тоа успешно.

1. Истражете ја вредноста на вашата работа на пазарот

Пред да разговарате со претпоставениот, проверете какви се платите за вашата позиција во индустријата. Корисни извори за ова се платформи за вработување, професионални групи на LinkedIn или информации од колеги во слични улоги, односно работни позиции. Ова ќе ви помогне да поставите реални очекувања и да аргументирате зошто заслужувате повисока плата.

2. Подгответе конкретни докази за вашиот придонес

Не можете да очекувате зголемување на платата само затоа што долго работите во компанијата – треба да покажете конкретна вредност. Запишете ги вашите најголеми достигнувања, подобрувања кои сте ги вовеле, зголемена продуктивност или успешни проекти што сте ги реализирале. Колку повеќе можете да ги поткрепите вашите барања со конкретни резултати, толку е поголема шансата да добиете позитивен одговор.

3. Изберете го вистинскиот тајминг

Тајмингот игра клучна улога во успехот на вашето барање. Најдобро време да побарате покачување е кога компанијата има добри финансиски резултати или веднаш по ваш значаен успех. Избегнувајте да го покренувате прашањето за време на кризни ситуации, кратења на буџетот или кога претпоставениот е под голем стрес.

4. Вежбајте го разговорот и пристапот

Самоувереноста е клучна при ваков разговор. Вежбајте како ќе го претставите вашето барање, било пред огледало или со пријател. Обидете се да звучите професионално, а не агресивно, и бидете подготвени на различни реакции.

5. Поставете конкретно барање и бидете флексибилни

Кога ќе го побарате покачувањето, бидете јасни во вашето барање. Наместо општо „Сметам дека заслужувам повисока плата“, кажете: „Со оглед на моите постигнувања и зголемената одговорност, би сакал/-а да разговараме за можноста за зголемување на платата за X% или X сума.“ Покрај тоа, бидете подготвени за алтернативни понуди, како бонуси, дополнителни денови за одмор или можности за унапредување и подгответе си стратегија што од понуденото би прифатиле, а што би одбиле, односно подгответе стратегија за преговарање.

6. Бидете подготвени за одговор – позитивен или негативен

Вашето барање може да биде прифатено, одбиено или одложено. Ако добиете позитивен одговор – одлично! Ако е негативен, побарајте фидбек за тоа што треба да направите за да го добиете покачувањето во иднина. Ако ви кажат дека тоа не е возможно во моментот, прашајте кога би било добро повторно да го отворите ова прашање.

7. Размислете за вашите следни чекори

Ако вашето барање е одбиено без валидни причини и не гледате простор за напредок во иднина, можеби е време да размислите за други кариерни можности. Важно е да бидете ценети за вашиот труд и посветеност.

Со правилен пристап и добра подготовка, можете да си ги зголемите шансите за добивање на заслужено покачување. Запомнете – најдобро е работодавачот самоиницијативно да ви ја покачи платата без да прашување, но уште подобро е доколку со аргументи сами си го побарате заслуженото покачување како материјална компензација за вашиот труд.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...