Интервју со Ребека Вељанова, регрутер во компанијата HMD TRUCKING.
За тој што е вистински вљубен во човечките ресурси, не постои ниту една причина или изговор да не ја насочи својата кариера во тој правец. Нашата дописничка Ребека е одличен пример за тоа бидејќи освен што добро се снаоѓа како мајка и сопруга, таа успева 8 часа дневно да биде и специјалист за човечки ресурси и регрутер за американскиот пазар. Во моментов работи за компанијата HMD TRUCKING, а за нејзините почетоци, искуства и достигнувања прочитајте во денешното 8-мартовско издание на рубриката Љубов кон HR на 24HR.
Која е Ребека и што е тоа што ја натера да се вљуби во човечките ресурси како професија?
Ребека е посветена мајка и сопруга. Специјалист по човечки ресурси и регрутер кој моментално работи за американскиот пазар. Првенствено, љубовта кон човечките ресурси ми е вродена од мојата мајка која е долги години е менаџер на оддел за човечки ресурси. Бидејќи секогаш имала работни обврски и после работното време, секојдневно дома сум слушала разговори поврзани со нови вработувања, подготовка на плата, синдикат на вработени итн… па некако уште од тука знаев дека ќе ги насочам моите студии кон човечки ресурси. Од секогаш сум сакала да помагам на луѓето и да ги правам среќни така да за мене не постои нешто поубаво од тоа кога ќе соопштам на кандидатот дека неговата апликација за вработување е одобрена и може да почне да работи за нас.
Од каде започна Ребека и како изгледа вашата кариерна патека?
Уште во старт мојата кариера се насочи кон тоа дека ќе работам за американскиот пазар. Бидејќи фамилијарно имавме бизнис со камиони во САД веќе бев навлезена во тоа од моите рани 20 години, а како што времето поминуваше јас се пронајдов во кој сектор од една шпедиција највеќе би ми одговарало да работам. Кога се вратив од САД добив понуда од американска компанија лоцирана во Скопје да работам како регрутер и така почна полека но сигурно мојот пат кон регрутирањето. Бидејќи само што специјализирав во таа област бев многу среќна што ќе можам да го работам тоа што го сакам и за што имам студирано што е вистинска реткост во нашата држава.
Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?
За мене лично мое најголемо HR достигнување е кога на потенцијален вработен со кој што имам интревју на следниве прашања без двоумење ќе му одговорам со ДА можам да ви ветам… пример: Дали ти Ребека можеш да ми ветиш дека јас навистина доаѓам во сериозна компанија што се грижи за своите вработени?! Дали можеш да ми ветиш дека со вас ќе бидам безбеден на пат покрај снег и ќе имам на кој да се обратам 24/7 доколку нешто не е во ред?! Дали моето семејство ќе има покриено здравствени бенифиции… Кога на сите овие и слични прашања кажувам да можам да ви ветам мојата самодоверба расте и знам дека работам за одоговорна компанија…
Која е вашата порака за сите кои размислуваат да започнат кариера во човечки ресурси?
На сите што започнуваат HR кариера или било каква друга кариера прво би им препорачала да погледнат длабоко во себе дали е тоа таа професија што ќе ве исполнува и прави среќни. Конкретно за човечки ресурси би рекла да се запрашаат дали се подготвени да имаат многу разбирање за сите потенцијални вработени, дали се подготвени да имаат трпение и да ги ислушаат потребите на сите потенцијални кандидати, нивните амбиции, дали би можеле да им помогнат во остварувањето на нивните замислени цели во кариерата која сакаат да ја остварат. HR-от е професија која дефинитвно бара да сме посветени на другите и максимално да ги разбираме нивните ставови и потреби, па оттаму секој еден што би сакал да започне како регрутер или администратор за човечки ресурси би требало да ги знае сите овие работи 😊
Што мислите за порталот 24HR?
Пpед се 24HR го гледам како портал кој што се залага за правата на вработените со тоа што изнесува доста статии на истата тема… Потоа го гледам како одлично место за секој еден што сака да се релаксира со прекрасни содржини, а во исто време и многу поучни, секогаш презентарани на едноставен, разбирлив начин и доста примамлив за секој еден што се двоуми за започнување на професија во оваа насока.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.