Ќе продолжиме да ги поместуваме границите на она што е можно, добро и важно, а тоа се вработените во компаниите

од 24HR

Интервју со Поликарп Арсеновски и Дејан Ваневски TRIVITY

Месецов, Тривити прославува четири години од своето основање, а по тој повод, разговараме со визионерите кои ја основаа и ја водат компанијата која веќе се етаблираше како еден од главните играчи на пазарот на труд во Македонија. Упативме неколку прашања до Поликарп Арсеновски (основач) и Дејан Ваневски (партнер) кои зад себе имаат екстензивно искуство на пазарот на трудот.

Пред четири, во ек на КОВИД пандемијата кога сите беа загрижени за здравјето и своето работно место, Тривити месијански се појави на пазарот на труд уверувајќи нé „Заслужуваш добра работа“. Еве на четвртиот роденден, како ви изгледа она што го минавте?  Што тоа значи за вас како основачи?

Поликарп: „Прво не знам како помина времето толку брзо, а второ и тогаш и сега кога сме сведоци на два обратни процеси во земјава, тогаш масовно се отпуштаа вработени, а сега интензивно бараме кадар, знам дека нашето мото дека секој заслужува добра работа, е директно во метата. Чувствувам огромна радост, но истовремено и одговорност затоа што влијаеме на развојот на пазарот на труд. Секоја од изминатите четири години бележиме значителен раст и деловни успеси кои одлично нé позиционираа на пазарот на трудот, а со тоа и ни создадоа обврска и понатаму да даваме сè од себе за да им овозможиме на нашите клиенти врвна услуга, да ги најдат соодветните лица за нивната компанија. Благодарни сме на сите клиенти кои ни ја укажаа довербата и среќни сме бидејќи знаеме дека успеавме да им помогнеме да ги остварат своите цели и заеднички решивме многу предизвици. А воедно сме уште по задоволни бидејќи успеавме да поттикнеме на развој и личен раст, илјадници лица кои поминале на нашите интервјуа за различни позиции. Со тоа директно влијаеме на работната сила која ја имаме и градиме успешни препознавања и стабилни релации на работодавач со вработен. “

Што е она кое можете да го издвоите како врв од изминатава година?

Дејан: „Само во изминатите 365 дена, преку Тривити пристигнаа повеќе од 10.000 апликации за вработување. Успеавме да комплетираме повеќе од 150 успешни проекти за вработување и посредување при вработување на огромно задоволство, како наше, така и на клиентите и барателите на работа. Сето ова немаше да биде возможно без напорната работа и вложување на секој член од тимот на Тривити, но и без довербата која ни ја укажаа клиентите, со кои работиме партнерски во целиот процес.“

Поликарп: „Знаете имавме и повеќе од 200 денови поминати во консалтинг и менторски сесии кои беа особено значајни за нашите клиенти за унапредување на управувањето со човечкиот капитал во нивните организации. Планот е да продолжиме со исто темпо и во следните 12 месеци бидејќи фидбекот од страна на компаниите е навистина позитивен и среќни сме што сè поголем број на компании ја препознаваат потребата и бенефитите од ваквиот тип на сесии.“

Организиравте и неколку интересни програми кои го привлекоа вниманието на компаниите?

Поликарп: „Секоја година сме активни во повеќе програми кои ги организираме или сме поканети како соработници. Имаме плодна соработка со Центарот за кариера при Универзитетот Кирил и Методиј, бевме коорганизатори на Кариерниот ден на УКИМ. Исто така, сме предавачи на проектот Еразмус плус „Digi Coop for Youth employability“, организиран од Младинска алијанса – Крушево. Задоволство е кога заедницата те препознава како значаен фактор во областа која ја покриваме. Тоа ни го зајакнува еланот. “

Дејан: „Секако, успешно ги комплетиравме програмите „Управување со човечки капитал“ и „Кариерен развој“ и тоа во временска рамка од само 60 дена. Овие програми беа наменети за менаџери, ХР менаџери, како и сопственици на компании кои во своето работење се соочуваат со предизвикот на привлекување, развој и задржување на вработени, но и за сите вработени и невработени лица кои успешно ги запознавме со нови алатки кои можат да ги користат во својот кариерен развој, ко-финансирана од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.


Вашиот иновативен пристап е конкурентска предност. Што е новина во работењето на вашата организација?

Поликарп: „Една од новините е воведувањето на програмата т.н. емплојер брендинг (брендирање на работодавач). Во моментов ја работиме за неколку клиенти, но сметам дека треба да бидеме горди на успешната приказна која ни беше еден од најголемите предизвици, новата фабрика на BMZ Group во Скопје. Нашиот тим целиот процес го одработи одлично, на наше, но и на огромно задоволство на клиентот. Резултат на проектот се привлекување и регрутација на квалитетни кандидати на највисоките позиции, секоторот финансии, инженери во секторот за развој и секако оператори во производство. Денеска нашите партнери BMZ  имаат повеќе од 70 вработени и заеднички продолжуваме да го градиме брендот на BMZ како одличен работодавач.

Дејан: „Не може а да не го спомнеме Тривити софтверот, кој е срцето на сè што правиме и кој оваа година доби значителен апдејт, со цел подобрување на корисничкото искуство и јазичните функции. Со постојаното надградување и додавање на нови функционалности, сакаме да направиме тој да стане неизоставна и корисна алатка во секојдневието на барање работа и вработување и да биде прв избор за луѓето кои бараат работа, но и за компаниите кои вработуваат.“

Која е визијата која ќе ја следите понатаму?

Поликарп: „И оваа година беше сведоштво за нашата непоколеблива посветеност да ги зајакнеме луѓето и да го поттикнеме успехот на пазарот на труд. Благодарни сме за укажаната доверба, а ние продолжуваме со истата посветеност кон нови успеси со фокус кон луѓето и управување со човечкиот капитал во организацијата и нејзината култура.“

Дејан: „Ќе продолжиме да им помагаме на луѓето, бизнисите и заедницата да напредуваат во свет кој постојано се менува, да ги поместуваме границите на она што е можно, добро и важно, а тоа се вработените во компаниите“.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...