На околу 16.000 вработени во LinkedIn ќе им биде дозволено засекогаш да работат од дома со полно работно време.
Технолошката компанија LinkedIn подготвува терен за далечинска работна сила. На мнозинството од вработените во LinkedIn ќе им биде овозможена опцијата засекогаш да работат од дома, притоа задржувајќи го статусот на вработени со полно работно време.
Како и да е, на вработените кои ќе се преселат од градовите како Сан Франциско и Њујорк на поевтини локации, возможно е да им биде редуцирана платата врз основа на саатниците кои се нудат на локалниот пазар, велат од компанијата за Ројтерс.
Од LinkedIn – кој е во сопственост на „Мајкрософт“ – минатиот октомври изјавија дека најмалку 50 проценти од вработените се очекува да продолжат да работат од канцеларијата откако ќе се укинат ограничувањата поради коронавирусот.
„Очекуваме да видиме повеќе оддалечени вработени од нивото пред пандемијата“, изјави Теуила Хансон, одговорна за човечки ресурси во компанијата.
Веста доаѓа кога повеќето технолошки компании и нивните вработени водат дебата за правилата за работа на далечина.
„Епл“ им кажа на вработените дека ќе треба да работат најмалку три дена во канцеларија, иако го одложија рокот за враќање барем до октомври, во услови кога бројот на позитивни случаи постојано расте.
Тој потег наиде на отпор од страна на некои вработени во „Епл“ кои објавија писмо со закани дека ќе се откажат доколку е потребно да се вратат на работа.
Други технолошки компании, вклучително и „Твитер“ и „Фејсбук“, рекоа дека многу вработени се добредојдени да работат од далечина засекогаш – иако „Фејсбук“, како и LinkedIn, планира да ги намали платите на вработените кои ќе ја напуштат Силициумската долина за поевтини области.
„Фејсбук“ и „Гугл“, исто така, им соопштија на вработените дека од нив ќе се бара да се вакцинираат кога ќе се вратат во канцеларија.
За разлика од нив, LinkedIn сè уште не бара од вработените да бидат вакцинирани за да се вратат во канцеларија.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.