Колумна на Маринела Бошкоски-Менаџер за човечки ресурси во Telelink Infra Services Macedonia
Во време кога човечкиот капитал е највредниот ресурс во секоја организација, сè повеќе HR професионалци се свртуваат кон алатки кои нудат објективност, структура и подлабоко разбирање на индивидуалните разлики.
Некогаш доволно беше кандидатот да има добро CV и да дојде на време на интервју. Денес? Денес сакаме да знаеме и како размислува, како реагира под притисок, што го мотивира и – дали навистина е „тимски играч“ или само знае да го каже тоа.
Психометриските тестови долго време беа ексклузивна алатка во рацете на консултантски компании и Headhunting агенции, користени претежно за селекција на извршни позиции и проценка на топ менаџери. Но, последниве години се случува навистина позитивна промена: не само големи, туку и локални и средни компании сè почесто ги вклучуваат овие алатки во своето секојдневно работење.
Овој тренд покажува дека организациите сè повеќе ја препознаваат вредноста на структурирана и објективна проценка – не само при вработување, туку и во развој на луѓе, во тимска динамика, па дури и во организациска култура.
Зошто психометријата сè повеќе се користи?
- Поголема објективност – се минимизираат лични предрасуди и се добива рамноправна основа за сите кандидати.
- Подобра селекција – предвидуваат како кандидатот ќе се снајде под притисок, во тим или при донесување одлуки.
- Поддршка при развој на вработени – откриваат кој има потенцијал за лидерство, кому му треба дополнителна поддршка.
- Мотивација – откриваат што им е важно на вработените и како да се поттикне нивната внатрешна мотивација. (Да, има луѓе што не се мотивираат со пица/сладолед во петок)
Фактот што психометриските алатки веќе не се резервирани само за големите компании, туку се користат и во домашни HR тимови, покажува јасен сигнал: нашите компании се движат кон одлучување врз основа на податоци, наместо врз интуиција или „прв впечаток“. А првиот впечаток, како што знаеме, понекогаш знае да биде малку… гласен.
Зголемената свесност за важноста на психолошката проценка се гледа и во тоа што сè повеќе компании ја сметаат психометријата за неопходна компонента во изградбата на одржлив и ефикасен тим.
Наше искуство со психометрија
Во нашето практично работење, позитивно искуство имавме со HR Potentials психометриските тестови, со кои добивме појасна слика за потенцијалите на кандидатите. Резултатите беа лесни за интерпретација, а поддршката од психолог при читањето на резултатите додаде дополнителна сигурност – и вредност.
Кое е вашето искуство?
Ако веќе сте користеле психометриски алатки – знаете колку може да се направи „аха!“ момент за личноста зад CV-то. Ако не – можеби е време да ѝ дадете глас на психата… и на потенцијалот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.