Секој кандидат е во потрага по идеалната професија, а ние, регрутерите, сме оние кои им помагаме во остварувањето на таа желба-Интервју со Сашка Малиновиќ,регрутер во The Headhunter

од 24HR

Од каде желбата да запливаш во оваа професија,од каде желбата за човечките ресурси,може ли да ни кажеш нешто за тебе?

Во оваа професија се ориентирав релативно случајно. Кога завршив со студии, бев сигурна дека не сакам да работам директно со психологија, но сакам да ја применам индиректно. Па така го најдов својот пат во регрутација и човечки ресурси. Би рекла дека психологијата е доста применета во оваа област, можеби не директно, но доволно. Секогаш бев фасцинирана од новите и креативни начини на комбинирање на различни професии и пристапи за постигнување на целите. Работата со регрутации, ја гледам како остварување на желби. Секој кандидат е во потрага по идеалната професија, а ние, регрутерите, сме оние кои им помагаме во остварувањето на таа желба.

Како е да се биде регрутер кои се предизвиците со кои се соочуваш секојдневно?

Да се биде регрутер за мене е доста креативно. Постојаната комуникација со различни типови на луѓе и темпераменти, како и различни желби, се навистина интересни. Најголемите предизвици, конкретно во мојот случај, доаѓаат во ситуации кога си растегнат помеѓу потребите на еден клиент и самите кандидати. Често се случува самиот процес да биде навистина долг, а информациите да се забавени, кандидатите се оние кои очекуваат брз feedback, што е нормално.

Може ли да ни кажеш нешто повеќе за моменталната ситуација на пазарот на трудот во Македонија?

Не размислувам активно за ова прашање, но можеби можам да споделам некакво мислење за самата ситуација. Забележав дека многу компании кои работат со продукти засновани на потребите на луѓето сè уште следат традиционален начин на работа и не се однесуваат доволно етички кон своите вработени. Особено се однесува ова за компании чија фокус група се самите деца и продуктите за нив.

Кои се барањата на младите кадри или младите таленти,што тие очекуваат од работните места?

Денес, младите вработени ставаат голем фокус на менталното здравје и неговото почитување на работното место. Исто така, балансот меѓу приватниот и професионалниот живот, како и сатисфакцијата од нивниот професионален развој, стануваат многу важни аспекти за нивното себе почитување и себевреднување. Денес младите таленти многу повеќе бараат идните работодавци да ги почитуваат и ценат нивните меки вештини, што сметам дека во минатото не биле толку голем индикатор за успешност на работата. Лично верувам дека денес, младите кадри се значително повеќе мотивирани од својата сопствена желба за професионален развој, отколку од платата, условите и надворешните мотиватори поврзани со работата.

Дали работодавачите се прилагодуваат на барањата на младите кадри со оглед на тоа дека последниот период се менуваат доста често работните места?

Сметам дека голем дел од работодавачите и компаниите се насочени кон посовремен пристап на работа, каде младите генерации би се чувствувале успешни и ценети. Работата од дома или хибридната работна форма се користат многу повеќе. Што се однесува до менувањето на работните места, лично мислам дека многу млади луѓе сметаат дека стекнувањето на повеќе работни искуства во различни компании може да придонесе кон подобра флексибилност и успешност во идни компании. Сепак, отпорот кон стариот и традиционален начин на работа може да биде пречка.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...