Тешка дилема – Да останам или да си одам?

од 24HR

Колумна на Проф. д-р Даниела Карадаков – професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси.

Сигурно барем еднаш во работниот век секој од нас ќе се најде на оваа раскрсница каде ќе треба да реши една тешка дилема – „Да останам или да си одам од моменталното работно место?“ Па тука се јавуваат низа прашања: Што ако си отидам, што добивам – што губам? Каде ќе ми биде подобро? Вреди ли да ризикувам? Дали воопшто тоа е ризик или добра одлука? Што ако донесам погрешна одлука?… и многу други прашања.

Постојат повеќе ситуации поради кои се јавува оваа дилема.

#1 Имам одлична работа, задоволен/ задоволна сум од работата, таа ме исполнува, покажувам солидни резултати, напредувам, добивам одлични бенефиции и сл., но добивам супер понуда од друга организација која за мене претставува голем предизвик и можност за напредок.

#2 Имам одлична работа, сакам тоа да го работам, но не сум задоволен/ задоволна. Амбиентот и интерперсоналните односи не ме исполнуваат. Организацијата недоволно се грижи за тоа, па сакам да испробам нешто попривлечно надвор од тука, но наидувам на ограничен пазар на труд.

#3 Немам добра работа, но имам добри примања. Работата не ми пружа задоволство, не сакам да ја работам, но сепак добро заработувам. Дали тоа што ќе го најдам надвор од тука ќе ги задоволи и двете мои побарувања?

#4 Имам добра работа, но немам добри примања. Моменталните примања ги задоволуваат моите елементарни потреби, но работата целосно ме исполнува. Тоа е она што сум сакал/а да го работам целиот живот. Дали друга организација ќе ми го задоволи овој недостаток?

Уште многу други „n“ ситуации може да се наведат како тешка дилема за донесување на разумна одлука дали да останеме или да си заминеме од работното место.

Во разрешувањето на оваа дилема може да помогне личната SWOT матрица со чија помош може да се донесе конечната одлука. Во конкретната ситуација, личната SWOT матрица овозможува да се согледаат предностите и недостатоците, можностите и заканите од задржување на моменталното работно место, како и од напуштање на истото, односно вработување на ново работно место. Всушност, преку личната SWOT матрица се прави самопроценка која ќе даде увид на тоа кое работно место нуди поприфатливи предности и можности и на каде треба да се движиме, односно кон што тежнее конечната одлука. Во суштина треба да се направат две SWOT анализи. Една SWOT анализа за останување на моменталното работно место и една SWOT анализа за напуштање на старото и предизвиците на новото работно место.

SWOT – Да останам?

Со анализата на предностите ќе се утврди што е тоа што го добиваме од организацијата во која што моментално работиме, а за нас е вредно, причини и активности поради кои што би останале, ќе се воочи што е тоа што ни пружа задоволство и што не задржува на конкретното работно место.

Со анализата на слабостите, односно недостатоците, ќе се направи самопроценка на оние работи, односно активности, поради кои не би останале во организацијата во која што моментално работиме, нешто што ни недостасува, нешто што не ни пружа задоволство, не ги задоволува нашите потреби и барања, нашите очекувања, нешто што ни прави проблем и не тера да размислуваме за барање на нов излез, односно ново работно место.

Преку анализата на можностите ќе се согледаат активностите кои можеме во иднина да ги искористиме во организацијата во која моментално работиме, можностите кои таа ни ги дава, реалните можности кои ние можеме да ги достигнеме, а кои ќе ни овозможат да се подобриме, промениме.

Со анализата на заканите ќе ги идентификуваме слабите страни или оние препреки кои ќе оневозможат искористување на потенцијалните можности.

SWOT – Да си одам?

Преку оваа анализа, ги анализираме предностите што може да ги добиеме на новото работно место. Што е тоа што не привлекува таму? Што добивам повеќе? Што ме задоволува повеќе? Што ме прави среќен/среќна, исполнителен/ исполнителна?

Анализата на недостатоците ќе ни овозможи да согледаме поради што не би се одлучиле за новото работно место. Што е тоа што ни пречи, не ни прави задоволство, што е тоа што не двоуми да не донесеме брза и јасна одлука.

Преку анализата на можностите ќе воочиме какви можности ни се отвораат на новото работно место. Дали тие можности се доволен повод за да го напуштиме постоечкото работно место? Што можам во иднина да добијам, подобрам, променам кај себе? Дали тие можности ги трансформираат недостатоците од моменталното работно место во предности?

Со анализата на заканите ќе може да видиме од што се плашиме. Дали не плаши промената на работното место или нешто друго? Дали недостатоците ни се закана? Со какви идни препреки може да се соочиме? Дали одлуката за промена на работното место може да ни наштети?

Конечната одлука ќе зависи од тоа каде се идентификувани повеќе и повредни предности и можности, а помалку недостатоци и закани. „Вагањето“ на ваков начин може да помогне да се донесе добро промислена и јасна одлука. Применетата SWOT матрица помага во разрешувањето на поставената дилема „Да останам или да си одам?“ и овозможува реално да се согледаат сите предности и можности, недостатоци и закани со кои може секој од нас да се соочи на моменталното или на новото работно место.

За авторот:

Проф. д-р Даниела Карадаков е професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Таа бележи богато наставно, обучувачко, и менаџерско искуство. Активна е како професор, обучувач, консултант и истражувач во полето на менаџментот на човечки ресурси, личниот менаџмент, организациското однесување и комуницирање, интерперсоналните односи, организирањето на настани и сл. Од 2012 до 2021 година ја вршеше функцијата директор на БАС Високата школа, каде за нејзината успешна работа сведочат две посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили. Прв автор е на две изданија: Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент во издание на БАС. Во текот на својата кариера има објавено бројни стручни и научни трудови, научни трудови со импакт фактор, а исто така активно учествува и на домашни и меѓународни стручни и научни собири.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...