Воркохолизам: Живееме за работа или работиме за живот?

од 24HR

Едноставно прашање со не така едноставен одговор.

Да се работи за да се живее значи да имаме пристоен живот уживајќи во задоволството кое ни го нуди нашата работа. Од друга страна, да се живее за да се работи значи дека веројатно правиме жртви во други аспекти од нашиот живот, како што се бракот, времето со семејството, дружењето со пријателите, нашето хоби и слично.

И додека за многумина од нас терминот „воркохолик“ стана титула која со гордост ја носиме, овој погрешен пристап ја стави работата на врвот на нашите приоритети, па потоа се прашуваме зошто нашиот партнер се жали дека не му посветуваме доволно внимание, нашите деца се чувствуваат отуѓено бидејќи никогаш не сме дома, а ние сме премногу уморни да уживаме во работите кои претходно сме ги правеле со задоволство.

Бидејќи модерното општество и дава висока вредност на работата и ги фали поединците за нивната силна работна етика, признавањето на воркохолизмот како голем и сериозен проблем е многу тешка битка.

Како воркохолизмот влијае на човековото здравје?

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои премногу работат се повеќе склони кон стрес, вознемиреност и лутина. Тие се плашат од секаков неуспех, генерално се перфекционисти, имаат вечно чувство на инфериорност и имаат превисоки очекувања од себеси.

Тие, исто така, имаат тенденција да зборуваат опсесивно за својата работа, да работат дури и кога се болни, одбиваат да земат одмор и немаат никаква граница помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Во науката постои позитивна корелација помеѓу воркохолизмот и лошото здравје која се манифестира со психичка вознемиреност и физички проблеми. Дополнително, воркохолизмот негативно се одразува на животните задоволства, како што се задоволството од работата и животот, и перформансите на работа.

Потребата да се работи напорно, исто така, допринесува за недоволен сон и поспаност на работното место.

Неколку решенија

Делегирајте и овластувајте

Обидувајќи се сè да завршите сами и гледајќи на другите како недоволно добри за да ја завршат работата, ќе ве стават себеси на вистинскиот пат да станете воркохолик. Знајте дека овластените луѓе не се плашат да размислуваат иновативно и креативно или да понудат идеи кога знаат дека ја имаат поддршката од раководството.

Вработените кои се уверени дека компанијата ги цени нивните идеи, се стремат да измислат нови начини за да ѝ помогнат на компанијата да има уште подобри резултати. Запомнете дека колку повеќе им верувате на луѓето, толку поголема ќе биде наградата за вашата компанија.

Одвојте време за себе

Дали ја прескокнувате паузата за ручек или јадете на вашата работна маса? Ако е така, виновникот за тоа не е никој друг освен вие. Паузите се здрави и тие ќе ви помогнат да бидете попродуктивни во остатокот од денот. На крајот на денот, ќе се изненадите од магијата која здравиот ручек и десетминутната прошетка можат да ја направат на вашата продуктивност.

Ако сте болни, не одете на работа. Правото на боледување е измислено со причина. Ако го прекршите ова правило освен сопственото здравје, го ризикувате и здравјето на вашите соработници.

За крај, одморот значи одмор, а не работа од дома. Користењето на слободни денови е добро за вас, но и за вашата работа.

Научете да кажувате „не“

Можеби е тешко да им кажете не на вашите колеги, но некогаш тоа е пресудно за да постигнете добар баланс помеѓу приватниот живот и работата.

Никогаш не преземајте поголема одговорност од таа што можете да ја носите.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...