Вработените во Мајкрософт ќе можат засекогаш да работат од дома

од 24HR

Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ ќе им дозволи на своите вработени трајно да работат од дома, дури и откако ќе заврши пандемијата на Ковид-19.

„Мајкрософт“ планира да изгради хибридно работно место, овозможувајќи им на вработените слободно да работат од дома до 50% од својата работна недела, со тоа што менаџерите ќе можат трајно да ја прифатат далечинската работа доколку нивните вработени го побараат тоа. Дополнително, скратените работни часови остануваат достапни за вработените со одобрение од нивниот менаџер.

Ова го откри порталот The Verge повикувајќи се на интерен меморандум на „Мајкрософт“ кој стигнал до нивната редакција.

Во моментов, огромно мнозинство од вработените во компанијата работат од дома, а „Мајкрософт“ претходно изјави дека нема да ги отвори своите канцеларии барем до јануари 2021 година.

За оние чија работа може да се извршува целосно од далечина, постојат опции за релокација – дури и на меѓународно ниво – доколку е одобрено. Ако вработените се одлучат за оваа опција, тие ќе мора да се откажат од доделениот канцелариски простор, но „Мајкрософт“ ќе ги покрие трошоците за нивните домашни канцеларии.

Прочитајте > Дали HR-от е подготвен за хибриден модел на работа?

The Verge известува дека мнозинството од работната сила на Мајкрософт, која се состои од околу 150.000 вработени, ќе може да искористи барем една од овие понуди за далечинско работење. Сепак, одредени позиции и натаму ќе бараат канцелариска работа, а такви се оние кои бараат пристап до хардверски лаборатории, центри за податоци и обуки со физичко присуство.

„Пандемијата на Ковид-19 не предизвика сите нас да размислуваме, живееме и да работиме на нови начини“, вели Кејтлин Хоган, одговорна за човечки ресурси во „Мајкрософт“, во меморандумот до вработените, додавајќи дека компанијата ќе понуди колку што е можно поголема флексибилност за поддршка на индивидуалните стилови на работа, истовремено балансирајќи ги деловните потреби и осигурувајќи се дека компанијата ја живее својата култура.

Мајкрософт не е единствената компанија што трајно ја прифаќа работата од дома. Претходно „Твитер“ и „Сквер“ објавија дека персоналот може да продолжи да работи од дома на неопределено време, а „Фејсбук“ предвидува дека до 50% од вработените ќе работат далечински на полно работно време.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...