Зошто работата од дома не функционира за сите

од 24HR

Неочекуваната промена во начинот на работа носи свои здравствени ризици – и тие можат лесно да резултираат во влошување на менталното здравје и намалени стапки на продуктивност.

Кога јапонската технолошка групација „Фуџитсу“ во јули објави дека префрла 80.000 свои вработени на работа од далечина, тоа сигнализираше силно свртување од традиционалната корпоративна култура во Јапонија.

Во земја каде вработените имаат навика да останат долги часови на работа, вработените на „Фуџитсу“ кои до вчера имаа можност да работат во канцеларија, отсега се слободни да работат флексибилно – од каде и да посакаат.

Но, иако промената се чини револуционерна, значителен дел од работната сила сè уште не е опфатена со новата политика: работниците во фабрика и агентите за кориснички услуги и натаму ќе продолжат да работат во канцеларија.

Реалноста е дека и другите бизниси – без оглед на својата големина, индустрија и локација – беа приморани да им се спротивстават на оперативните промени кои ги наметна пандемијата на Ковид-19.

Без опција за работа од дома

Работата од дома не функционира за сите.

Повеќето технолошки гиганти како „Гугл“, „Фејсбук“ и „Твитер“ се шампиони во далечинската работа како нов нормален начин на работа во пост Ковид-19 периодот. Меѓутоа, голем број други компании брзо сфаќаат дека на долг рок не можат да си дозволат поголем дел од нивниот персонал да работи надвор од канцеларија.

На пример, во САД, четвртина од работната сила во земјата – или 35,6 милиони луѓе – имаат можност да работат од далечина. Сепак, голем дел од овие лица имаат канцелариска работа во технолошкиот, инженерскиот, финансискиот или административниот сектор, покажа една студија на Универзитетот во Вашингтон објавена во Американското списание за јавно здравство.

Но, ако ги ставиме на страна овие вработени, неверојатни 108.4 милиони луѓе се занимаваат со професии кои не можат да се работат од дома.

За тие што се „привилегирани“ да работат од дома, таа опција не е клучна само за намалување на ризикот од изложеност на коронавирусот, туку и за обезбедување на нормално функционирање на бизнисот додека канцелариите се затворени, вели Мариса Бејкер, доцент на Универзитетот во Вашингтон, кој е автор на студијата.

Бејкер го испита влијанието на Ковид-19 врз работната сила и пронајде четири типа на професии погодени од пандемијата:

Вработени кои работат на компјутер, но имаат ограничена интеракција со јавноста:

  • Бизнис и финансии
  • Наука, технологија, инженерство и математика

Вработени кои работат на компјутер и имаат интеракција со јавноста:

  • Здравство
  • Менаџмент
  • Образование

Вработени кои не работат на компјутер и немаат интеракција со јавноста:

  • Градежништво
  • Одржување
  • Производство

Вработени кои не работат на компјутер, но зависат од интеракција со јавноста:

  • Услуги за храна
  • Трговија на мало
  • Испорака на стока

Вработените во последната категорија имаат тенденција да бидат меѓу најниско платените и најранливите во случај на отпуштања поради Ковид-19. Тие, исто така, се соочуваат со поголеми ризици за нарушување на физичкото и менталното здравје поради кризата.

„Стресот што го доживеаја групите со пониски приходи, заедно со несигурноста на работното место, може да биде голем товар за менталното здравје, настрана од опасноста за заразување со Ковид-19 додека се на работа“, вели Бејкер.

Замор од работа од дома

Додека повеќето работници кои работат од дома се соочуваат со помал ризик од контакт со Ковид-19, самата транзиција кон далечинска работа носи свои здравствени ризици.

Менталниот замор од постојаните состаноци на далечина е реален, сугерира една студија на „Мајкрософт“ во која од 13 групи од по двајца вработени беше побарано да ги извршат задачите на лице место и додека работат од дома.

Резултатите од студијата откриле дека работата на далечина е многу поголемо ментално оптоварување за вработените отколку таа во канцеларија.

„Мозочните бранови поврзани со стресот и прекумерната работа беа многу повисоки за време на работата од далечина, отколку во канцеларија“, вели Џеред Спатаро, потпретседател за Microsoft 365.

„Но, тие открија нешто неочекувано“, изјави Спатаро. „Ако групата претходно работела на далечина, нивните мозочни бранови покажуваат дека на истата група потоа и е многу потешко да работи во канцеларија“.

Овој пронајдок открива како социјалните врски и техниките за соработка кои се формираат лично се пренесуваат и во оддалечен амбиент. Но, истото не е секогаш точно кога вработените се принудени да го изградат својот меѓусебен однос од нула додека работат од дома.

Ова го отвора прашањето за тоа како onboarding искуството на вработените ќе се промени во ерата на работа од дома – кога новите регрути се запознаваат со својата компанија виртуелно, без притоа да им се овозможи да формираат лични социјални и професионални врски со своите колеги.

Друг проблем за продуктивноста е тоа што долгите видео состаноци повторно влегуваат во мода.

„Поради високото ниво на постојана концентрација, заморот започнува да се чувствува од 30 до 40 минути по почетокот на состанокот„, рече Спатаро. „Како резултат на секојдневните видео состаноци, стресот почнува да се појавува по првите два часа од работниот ден“.

„Истражувањето сугерира дека постојат неколку фактори кои водат кон ова чувство на замор од премногу состаноци: мораме постојано да се фокусираме за да извлечеме релевантни информации; неможноста да се прочитаат невербалните знаци кои значително ја олеснуваат комуникацијата; и зачестеното споделување на екранот што ја намалува прегледноста на луѓето со кои комуницираме“, вели Спатаро.

Со оглед на тоа што повеќето големи компании ги најавија своите планови да продолжат со работа од дома до 2021 година, потребата да изградиме механизам за заштита од стапиците на флексибилниот модел на работа треба да биде на врвот на агендата на лидерите за човечки ресурси – особено кога повеќето од нив (91%) се надеваат да ги прошират своите политики за работа од дома по завршувањето на кризата, според глобалното истражување на HRD.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...