Истражување: Прекумерната контрола може да ги направи тимовите помалку ефикасни

од 24HR

Многу менаџери во изминатите неколку месеци бараа зачестени извештаи од своите вработени за статусот на нивните проекти, задачи и активности. Но, едно ново истражување покажа дека тоа воопшто не е паметна идеја.

Конвенционалната мудрост вели дека „не можете да менаџирате со она што не го мерите“. Затоа, не е изненадувачки тоа што во изминатиот период голем број претпоставени често бараа од своите вработени извештаи за нивните перформанси, особено сега кога нивните тимови работат од далечина.

И додека оваа стратегија на „постојано рапортирање“ може да звучи како паметна идеја, едно ново истражување го покажува токму спротивното. Имено, колку почесто раководителите бараат статусни извештаи од своите вработени, толку помала е ефикасноста на истите тие вработени.

Студијата која е спроведена на Универзитетот во Илиноис и објавена во најновиот број на The Accounting Review (рецензиран журнал на Американското здружение на сметководители) откри дека: „Честото известување за сработеното има негативни импликации врз мотивацијата и перформансите на вработените кога тие знаат или претпоставуваат дека информациите кои ќе ги пријават ќе се користат за евалуација на нивните вештини поврзани со работните задачи. Зачестената фрекфенција на овие извештаи ги тера поединците повеќе да се фокусираат на избегнување на ваквите неповолни пресуди отколку на развој на компетенции потребни за извршување на работата“.

Според ова, излегува дека како што се зголемува контролата од страна на менаџментот, вработените стануваат повеќе загрижени за својот перформанс, предизвикувајќи нивната примарна цел „да се заврши работата“ да биде заменета со „да не се изгледа некомпетентно“.

Понатаму, истражувањето покажува дека перформансот на вработените страда дури и кога 1) повеќето учесници не го знаеле лицето на кое му рапортираат и 2) последиците од тоа да се изгледа некомпетентно биле навистина мали.

Апропо кажаното, вработените од кои било побарано да рапортираат само еднаш имале за една третина подобар перформанс од вработените кои морале да рапортираат барем три пати. Со други зборови, притиснете ги вработените и тие ќе направат 33% повеќе грешки.

А замислете што би се случило доколку вработените лично го познаваат менаџерот и веруваат дека ќе го загубат кредибилитетот доколку извештајот за статусот е далеку од блескав.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...