Токсичната култура е производ на лош менаџмент и погрешно поставени луѓе на менаџерски позиции

од 24HR

Таа е тивок убиец на модерните организации и пријатното работно место. Ова се 7-те знаци дека работите во токсична работна средина.

Депресивни понеделници, лоша атмосфера во канцеларија, несогласувања со шефот или незадоволни клиенти се вообичаени подеми и падови на работниот век. Меѓутоа, токсичната работна средина се наоѓа во оваа рутина цело време и ниту еден разумен човек не може да преживее ваква рутина на подолг рок.

Познато е дека токсичните работни средини раѓаат немири, низок морал, негативност, голем обрт на вработени, па дури и малтретирање. Она што е уште полошо е тоа што токсичната култура е заразна и се провлекува во другите места од вашиот живот – дома, меѓу пријателите, па дури и влијае негативно врз вашето здравје.

Токсична работна култура не се појавува одеднаш на работното место, дозволено е да се гради во одреден временски период поради лошо менаџирање и погрешно поставени луѓе во улога на лидерски позиции. Но, секогаш има очигледни знаци кои ја покажуваат токсичноста на работната средина.

„Токсичната работна култура ја опишува културата каде што работното место е преокупирано со конфликти, пасивно-агресивно однесување, викање низ канцеларија, драма и несреќни вработени до тој степен што е засегната продуктивноста“, објаснува Александра Лихтенфелд, бизнис ментор во Client Matters.

Во оваа статија ќе наброиме некои од најочигледните знаци на токсичното работно место:

РАБОТНА СРЕДИНА БЕЗ ЕНЕРГИЈА

Луѓето ги извршуваат своите секојдневни работни задачи на многу незаинтересиран начин. Нема да забележите интеракции, ангажмани или размена на какви било информации.

Може да се видат луѓе како се преправаат дека се премногу зафатени, но не постои ангажман ниту со работата, а ниту со колегите од работа. Оваа незаинтересираност сигурно ќе се рефлектира и во крајната линија на компанијата.

ГРУПИРАЊА И ОЗБОРУВАЊА

Токсичната работна средина е како да поминувате низ средно училиште одново. Постои одредена група на луѓе чија животна цел е да ги натера другите да се чувствуваат лошо. Тие внимаваат еден на друг, се движат во толпа и имаат 100-тина заеднички идеи и шеги. И најважно од сè е тоа што никој не им може ништо.

Ваквите групи се контрапродуктивни за работното место. Компаниите кои промовираат таква култура придонесуваат за општо незадоволство помеѓу останатите вработени. Фразата „Јас ти го чувам грбот, а ти мојот“ ги остава вистинските таленти надвор од клучните проекти кои им се даваат на највлијателните, а не на најдобрите.

На крај, голем дел од работниот ден во токсична компанија поминува во разговор, озборувања и создавање непотребна драма за не-настани.

ПОЛИТИКИТЕ СЕ ПОВАЖНИ ОД ЛУЃЕТО

Токсично работно место е и тоа каде што генералниот одговор на секое барање и прашање е „така ги правиме работите овде“ или „политиката на компанија не го дозволува тоа“. Кога не постои маргина за прилагодување, луѓето секогаш се на второ место при секоја донесена одлука.

Во ваквите работни средини политиките се крути и не е дозволено никакво пренасочување дури и ако тоа ја подобрува продуктивноста.

КОНФУЗНА ИЛИ НЕПОСТОЕЧКА КОМУНИКАЦИЈА

Недоволната и збунувачка комуникација доведува до проблеми на работното место. Всушност, комуникациските вештини се најважните вештини потребни во секоја успешна организација. Постојаниот недостаток на јасност околу проектите и кој е одговорен за нив е уште еден елемент на токсичната работна средина.

Се пренесуваат збунувачки пораки. Се случува ист проект да го работат два различни тимови во различни временски рамки. Сето тоа е недостаток на координација.

Исто така, постои пасивно-агресивна комуникација и недостаток на трпение за да се слушаат други предлози.

Токсична култура е и комуникација надвор од работното време, кога работата е завршена, а се комуницира надвор од стандардното работно време во канцеларија.

ЛОШО ЛИДЕРСТВО

Лошото раководство може да влезе во секое влакно на една организација. Понекогаш лошиот шеф е производ на неговиот / нејзиниот лош шеф и така се создава хиерархија на лоши шефови.

Постојат различни видови на лоши шефови: микроменаџери, поткопувачи и несигурни кои никогаш не преземаат одговорност.

Ако се случи да работите под ваков шеф, тогаш е време да размислите за алтернатива.

НЕМОТИВИРАНИ КОЛЕГИ

Токсична работна средина води до немотивирани вработени. Не постои поттик да се работи најдобро што може бидејќи нема фидбек, благодарност и се чини дека никој не се грижи за вложениот труд.

Во таква атмосфера, страда квалитетот на работата. Исто како што мотивираното и енергично работно место може да ве инспирира да дадете сè од себе и да работите понапорно за да инкубирате нови идеи, немотивираната работна сила може да ве уништи. Немотивираните вработени обично се резултат на многу поголем организациски проблем. Тоа е или лоша комуникација од врвот, неорганизација, неидентификување со лидерството или општа недоверба.

ГОЛЕМ ОБРТ НА ВРАБОТЕНИ

Големиот и брз обрт на вработените е сигурен знак дека работното место е токсично. Кога ќе забележите дека неколку луѓе ја напуштаат организацијата, тогаш нешто навистина не е во ред.

Спротивно на тоа, ако вработените постојано се отпуштаат од работа е исто така знак дека нешто не е добро. Големиот обрт на вработени обично значи дека има недостаток на насока, лошо лидерство или мала можност. Обрнете внимание на стапката на обрт во вашата компанија.

0 коментар
5

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...