7 компании за кои никогаш не треба да работите

од 24HR

Без оглед на тоа колку очајно ви треба работа или се чувствувате лошо на моменталното работно место, постојат неколку типови на компании за кои е подобро да не работите. Дури и парите да се добри, позицијата да изгледа неодоливо, па дури и вашите пријатели да ви кажат дека вреди да се проба, прифаќањето работа во лоша компанија може да ја уназади вашата кариера, а некогаш и да го загрози вашиот иден успех. Но, како да знаете кои компании треба да ги избегнувате?

За среќа, постои Glassdoor. Најдобрата глобална платформа за оценување на работодавци неодамна издвои 7 типови на компании кои може да имаат голем светлечки „Не аплицирај“ знак на својот прозорец. Еве кои се тие:

Компании со висок обрт на вработени

Можете да ги забележите по тоа што едни исти клучни позиции постојано се вртат на огласите за вработување. Една компанија не би требало да бара замена за истите менаџерски и лидерски позиции на секои шест месеци, а ако тоа се случува, значи дека компанијата западнала во еден циклус на вработувања и отпуштања. Ова, исто така, укажува на неколку работи. Прво, неконзистентно раководство кое не може да ги одреди вистинските квалитети на кандидатите. Второ, лоша внатрешна култура поради која вработените често си заминуваат. И трето, највисоките цели се менуваат исто како што се менува и работната сила.

Компаниите со висок обрт на вработени нема да ги исполнат своите ветувања, а тоа за вас ќе претставува лошо искуство и губење време.

Компании без култура

Станува збор за компании со негативни оценки, недостаток на фокус на вистинско искуство на вработените и регрутери кои ги избегнуваат вашите прашања.

Лошата корпоративна култура на прв поглед не изгледа како нешто што би ве предомислило да ја прифатите понудата за вработување, иако треба да биде така. Добропознато е дека позитивната култура може да поттикне добри финансиски резултати и продуктивна работна средина. Обратно, негативната култура може да го има токму спротивниот ефект.

Затоа, избегнувајте компании кои ќе ви кажат дека имаат турнир во пинг-понг, а нема да ви дозволат да разговарате со постојните вработени за нивното искуство. Овде спаѓаат и компаниите кои ги избегнуваат вашите прашања за нивната култура, како и тие што напорната работа ја поистоветуваат со 15 работни часа на ден.

„Перфектни“ компании

Колкумина од вас имаат работено за идеални компании, но само на брошурите за маркетинг? Секојдневната работа во нив е далеку од гламурозна. Само менаџерите имаат право на нешто што може да се нарече канцеларија, а другите вработени се распрскани кој каде ќе стигне. Осветлувањето е лошо, технологијата е од 90-тите, а да не зборуваме за просториите за пауза.

Пред да аплицирате во некоја ваква компанија, поставете си го прашањето дали е тоа местото каде што сакате да поминете 40+ часови неделно.

Компании со многу менаџери и директори

Ќе ги препознаете по големиот број на директори кои прават brainstorming и премалиот број на вработени кои ги извршуваат задачите.

Се прашувате што има лошо во тоа? Трите водечки двигатели на долгорочното задоволство на вработените се културата и вредностите, можностите за кариера и довербата во високото раководство. Сепак, тоа не значи дека целиот акцент треба да се стави само на привлекување на врвни директори. Секако, важно е да имате феноменално лидерство, но кога ќе прочитате некоја оценка за компанијата, не заборавајте да погледнете колкав акцент се става на вработените во пониските нивоа. Сите членови на тимот се важни, а тоа ќе го препознаете од оценките на вработените во компанијата и нејзините практики за вработување.

Компании кои ветуваат многу, а исполнуваат малку

Неисполнети корпоративни очекувања, вработените имаат недостаток на доверба во извршниот директор и неможност да се живее мисијата на самиот бренд.

Ова се само дел од знаците кои упатуваат на компанија која ќе ви даде ветување, но истото нема да го исполни. Во ерата на транспарентност, повеќето компании се свесни дека единствениот начин да го привлечат врвниот талент е со целосни, стабилни и конкурентни пакети. Тие даваат одредени ветувања за работата, компензацискиот пакет, културата и самиот бренд. Понатаму, компаниите имаат своја мисија која е манифестација на нивната основна деловна стратегија. Проблемот е што ветувањата, сепак, може да останат неисполнети.

Пазате се од компании кои даваат ветување по ветување, без притоа да исполнат ништо од ветеното.

Компании – стагнатори

Овде зборуваме за компании кои имаат недостаток на можности за учење, не промовираат менторство и не нудат ништо повеќе од позицијата за која сте аплицирале.

Овој тип на компанија се нарекува и „ќорсокак“ бидејќи тие не можат да ви помогнат да ги остварите вашите долгорочни цели поврзани со вашата кариера. Да се работи за „стагнатор“ значи дека повторно ќе барате нова работа за 12 до 18 месеци. Запомнете дека глаголот стагнирање значи „да престанете да се развивате, да станете неактивни или досадни“, а ова не е тоа што го сакате во вашата кариера.

Компании што наликуваат на брод без капетан

Ова се компании кои немаат јасен план за иднината, вработените не се запознаени со долгорочните цели, а раководството не успеава соодветно да комуницира.

Популарно наречени „Титаник“, овие компании немаат јасно утврден правец во кој треба да се движат. Токму затоа, само прашање на време е кога ќе налетаат на некоја санта која ќе биде погубна за бизнисот. Компаниите треба да бидат отворени за својата финансиска состојба, за правецот во кој се движат и за сите поголеми предизвици со кои се соочуваат. Доколку регрутерите на компанија не се подготвени да ви дадат генерална информација за правецот во кој се движи компанија, тоа може да покаже дека не постојат никакви планови за раст.

 

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...