Како Ковид-19 го надмудри HR системот на Амазон

од 24HR

Силно автоматизираниот HR систем на Амазон кој ѝ помогна на компанијата да расте брзо не беше дизајниран да се справи со вонредни ситуации како Ковид-19.

Амазон е една од компаниите каде се верува дека ако работата му ја доверите на робот, можете да ја сметате за завршена. Но, дали е навистина така?

Во изминатиот период, автоматизираните системи за човечки ресурси на Амазон се соочија со наплив на барања за боледување и исплата на надоместоци како резултат на Ковид-19, пренесува Блумберг.

Според Блумберг, еден дел од вработените во компанијата, од кои многумина биле погодени од Ковид-19, едвај успеале да излезат на крај со екстремно автоматизираниот систем за човечки ресурси на кој Амазон веќе долго време работеше.

Интервјуирајќи шестмина работници во магацините кои се протегаат од Индијана до Њу Џерси, Блумберг откри дека вработените на крајот биле изложени на долги телефонски разговори и комуникација со чет ботови дизајнирани да извршуваат автоматски барања.

Како резултат на тоа, автоматизацијата на Амазон погрешно отпочнувала постапки за прекинување на работниот однос на некои вработени кои се заболени или се опоравуваат од Ковид-19 заради наводно „намерно прескокнување на смени“.

За да биде проблемот уште поголем, на некои вработени им било одбиено барањето за боледување иако тие имале поднесено целосна документација дека се болни или дека треба да се грижат за членови на своето семејство кои се инфицирани со коронавирус.

Една вработена изјавила дека системот на компанијата случајно ја ставил на неплатено отсуство откако побарала да биде компензирана за отсуството од работа поради дијагностицирање на Ковид-19. Таа со денови се обидувала да стапи во контакт со некој од човечки ресурси за после некое време да биде поврзана со центарот за кориснички услуги во Индија кој не можел да ја поправи грешката.

Според вработените кои работат со одделот за човечки ресурси на Амазон, дисфункцијата е засилена со целта на компанијата да ја намали својата човечка работна сила и да се фокусира повеќе на автоматизација.

„Човечките ресурси секогаш се соочуваат со потешкотии да ги автоматизираат своите процеси и да одржат чекор со обемот на компанијата“, вели еден анонимен вработен за Блумберг.

Минатогодишниот извештај на The Verge покажа дека Амазон користи строг пакет на метрики не само за да ја следи ефикасноста на вработените во своите магацини, туку и автоматски да го прекине работниот однос доколку тие не успеат да исполнат одредени стандарди.

Во еден објект лоциран во Балтимор, истрагата утврдила дека околу 300 работници со полно работно време биле отпуштени поради неефикасност во периодот од 2017 до 2018 година – бројка што претставува 10 проценти од вкупната работна сила во таа фабрика.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...