НЛБ Банка е добитник на Награда за благосостојба на вработените, доделена во рамките на проектот „Предводници на одржливиот развој“, инициран од Клубот на одговорни бизниси при Здружението Конект, во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија.
Ова значајно национално признание се доделува за најдобрите практики и иновативни решенија што организациите ги применуваат за унапредување на благосостојбата на своите вработени, поттикнување на нивниот професионален развој и создавање работна средина која придонесува за поголема ангажираност, продуктивност и задоволство.
„Во НЛБ Банка веруваме дека вложувањето во луѓето е највредната инвестиција во иднината на Банката. За нас, ова признание претставува силна потврда дека вистински и одржливи промени се создаваат тогаш кога вработените се слушнати, вклучени и поддржани. Преку програмите што ги развиваме, не само што поттикнуваме едукација и професионален развој, туку и ги охрабруваме нашите вработени да бидат двигатели на позитивни промени.“ – истакнува по повод наградата Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на Банката, упатувајќи искрена благодарност до Здружението Конект и Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија за препознавањето на овие заложби и нивното значење во градењето одговорна и одржлива организациска култура.
Грижата за вработените претставува суштински дел од нашата организациска култура и е целосно усогласена со принципите на одржливиот развој и одговорното корпоративно работење. Вложувањата во благосостојбата и развојот на вработените ги потврдуваат нашите заложби да бидеме организација која создава трајна вредност за заедницата, општеството и идните генерации.