Колумна на Трајанка Кимова
Секој ден, на работа…
Во многу фирми, сè уште се чувствува еден стар начин на размислување: „Додека ми носиш резултати, добар си – ама ако побараш нешто повеќе, не си веќе погоден“. Овој пристап, освен што е неправеден, е и штетен – за фирмата, за тимот, за луѓето.
Бидејќи – кога не вложуваш во луѓето, не можеш да очекуваш ни тие да вложуваат во тебе.
Што се случува кога трудот се гледа само како бројка?
Секој има барем еден колега што доаѓа прв, си ја завршува работата совесно, понекогаш останува и подолго, помага и кога не му е кажано – а сепак, кога ќе се поведе збор за плата или признание, одговорот е секогаш ист: „Сега не е време“, „Нема буџет“, „Ќе видиме следниот месец“.
И тука се гаси мотивацијата.
Минималецот не значи дека си направил минимум
Во време кога цените растат, а трошоците се сè поголеми, минималната плата не е поддршка – туку понижување.
Многу вредни луѓе добиваат минималец и уште со тешко срце им се дава некој денар плус, како да е милост, не награда.
А тие се тука – ги движат работите, се грижат, вложуваат, молчат. Но до кога?
Знаење, поддршка, раст – не се луксуз, туку потреба
Често се слуша: „А што ако го обучиме и си замине?“
А што ако не го обучиш – и остане?
Немањето обуки, развој, разговори… го остава човекот на исто место. А кога нема каде да оди – тој или заминува, или се исклучува одвнатре. И едното и другото се загуба – и за фирмата, и за него.
Може да се направи нешто – уште денес.
1. Пофали. Благодари. Признај.
Не мора да е бонус, доволна е искрена реченица: „Добра работа, ти благодарам“. Тоа не се заборава.
2. Зборувај отворено за платите.
Луѓето не се наивни – сакаат искреност, план и подготвеност да се напредува.
3. Дај им простор да учат.
Еден линк до корисен вебинар, препорака за книга, 10 минути разговор – тоа е почеток на развој.
4. Слушај ги луѓето.
Не само што велат – туку како се чувствуваат. Лидерот што слуша – создава доверба.
Работникот не е само бројка на список. Тој е човек со живот, со грижи, со талент и желба да биде ценет.
Ако продолжиме да ги гледаме луѓето како трошок – тие ќе си заминат. Некои тивко. Некои гласно. Но сите со исто чувство – дека не биле вреднувани.
Ако, пак, почнеме да ги третираме како партнери, со почит и разбирање – тие ќе останат, ќе растат, ќе дадат повеќе.
И токму тоа е вистинската инвестиција – не во машини, не во опрема, туку во луѓето.
Авторката е идeн HR професионалец со искуство во мала компанија, која верува дека секој работник заслужува фер третман, можност за раст и глас што се слуша.
За авторот:

Трајанка Кимова
Администратор во геодетска фирма со долгогодишно искуство, моментално на пат кон целосна професионална транзиција во областа на човечките ресурси. Студент на Академијата за HR и тим менаџмент при Creative Hub, каде што активно работи на проекти поврзани со организациска култура, вработени и развој на талент. Верува дека секој вработен заслужува фер третман, слушнат глас и можност за раст.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.