Што се случи кога „Нетфликс“ им дозволи на вработените неограничен одмор?

од 24HR

Дознајте како „Нетфликс“ ја зголеми продуктивноста на својот тим со необичен распоред за работа.

Од 2004 година вработените во „Нетфликс“ можат да земат одмор кога и да посакаат. Тие имаат целосна слобода да одлучат кога да дојдат на работа, кога да земат слободен ден и колку време да потрошат на секој проект за да го испорачаат бараниот резултат до определен датум. И денес, 17 години подоцна може да увидиме дека оваа политика воопшто не ѝ наштети на компанијата која сега располага со пазар од 51 милијарда долари.

Но, само затоа што постои оваа флексибилност не значи дека нема одговорност во „Нетфликс“. Вработените мора да бидат во постојана комуникација со нивните надредени и, бидејќи ја имаат оваа слобода, од нив се очекува да испорачуваат извонредни резултати. Всушност, високиот квалитет што се очекува од работата на вработените во оваа компанија е толку длабоко вграден во нејзината корпоративна култура што оние кои едвај работат „добро“ брзо се откажуваат.

Вработените во „Нетфликс“ имаат неограничени денови на одмор бидејќи никој не ги мери минутите што тие ги поминуваат на своето биро. Наместо микроменаџирање со она што вработените го прават во нивното работно време, топ менаџментот на компанијата е фокусиран на единственото нешто што е навистина важно: конзистентни и видливи резултати. Тие открија дека давањето автономија на вработените генерира култура на висока одговорност за нивната работа, а без одолговлекување на вниманието со репресивни правила, вработените во „Нетфликс“ се пофокусирани и попродуктивни.

Како се случи да се промени традиционалниот модел?

Кога „Нетфликс“ имаше вообичаена политика за одмор и слободни денови како и останатите компании, нивните вработени поставија едно важно прашање:

„Никогаш не го мериме работното време надвор од компанијата – како одговарање на е-пошта или работа за време на викендите – па зошто тогаш да мериме како го користиме времето во канцеларија?“

Директорите на „Нетфликс“ мораа да слушаат бидејќи немаа аргументи кои ќе ја противречат логиката на ова прашање.

Ако се вратиме наназад во индустриската ера, кога луѓето стоеле 8 часа на лента за производство, логично е истите да се плаќаат според нивното работно време. Сепак, благодарение на напредокот на технологијата, денес ситуацијата е поинаква. Луѓето работат кога има потреба за тоа, без разлика на работните часови или локацијата, а многу често тие задачи не се платени бидејќи концептот на „прекувремена работа“ стана многу заматен.

Сега живееме во време кога луѓето се мерат според она што ќе го испорачаат, а не според часовите кои ги поминуваат седејќи во канцеларија. Меѓутоа, кога се работи за слободни денови, сè уште се држиме до парадигмите на индустриската ера. Ова е огромен демотиватор. Сфаќајќи го ова, “Нетфликс“ ја промени политиката за одмор, а со тоа го промени и начинот на кој вработените ја перцепираат работата.

Бразилско потекло

Без сомнение, оваа компанија за видео стриминг беше меѓу првите што примени ваков протокол за работа во САД, но идејата за „неограничен одмор“ не се роди во „Нетфликс“. Бразилската компанија „Семко“ функционира на база на либерална политика за годишни одмори веќе триесет години.

Откако имал тежок здравствен проблем кога имал 21 година, Рикардо Селмер, син на основачот на компанијата, сфатил дека распоредот за работа што го применува полека го убива. Што е уште полошо, истата работа ги засегала и неговите вработени. Затоа, тој храбро одлучил целосно да ја промени шемата за слободни денови, одмори, распореди за работа и отсуства поради болест.

Спротивно на она што многумина го очекувале, продуктивноста на компанијата драстично се зголемила, а лојалноста на вработените никогаш не била повисока. Кога Селмер ја вовел оваа политика во 1981 година, „Семко“ вредеше само 4 милиони долари. Денес истоимената компанија е проценета на повеќе од 1 милијарда долари.

Флексибилност: Да или не?

Многу компании се придржуваат кон своите строги протоколи за годишен одмор бидејќи веруваат дека вработените ќе ја злоупотребуваат дадената слобода. Но, компаниите кои ги променија своите политики открија дека всушност се постигнува спротивен ефект. Слободата им дава толку силно чувство на припадност на тимовите што голем број вработени повеќе не прават подолги паузи од она што е неопходно.

Работодавците кои имаат воспоставено слични стратегии, исто така, имаат програми за да ги охрабрат вработените да земат одмор. На пример, „Еверноут“ им дава на своите вработени по 1.000 долари само за да ги искористат своите слободни денови, а „ФулКонтакт“ оди дури и до 7.500 долари. И со оглед на тоа што постојат вработени кои не одат на одмор, тие мора да приложат сметки дека парите се потрошени за забава.

Иако во теорија звучи добро да се има „воркохолици“, тоа не е нешто што иновативните компании навистина го сакаат. Тие знаат дека кога на вработените им треба слободно време за да ги наполнат батериите, тие се враќаат на работа покреативни и попродуктивни.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...