Колумна на Горјан Цветковски CEO – TCG.mk
Во текот на мојата кариера имав можност да работам како маркетинг менаџер во две сосема различни компании.
Она што ја прави споредбата интересна е фактот што од деловен аспект резултатите беа речиси идентични. Во двете компании маркетинг стратегиите и системите што ги имплементирав донесоа приближно 100% раст, истовремено намалувајќи ги маркетинг трошоците за околу 40%.
Сепак, години подоцна, овие два работодавачи ги паметам на сосема различен начин.
Првата компанија функционираше врз основа на планирање, структура и доверба. Годишните цели беа дефинирани години однапред, додека деталните оперативни планови се подготвуваа неколку месеци однапред. Ад-хок задачите беа реткост бидејќи одлуките се носеа врз основа на податоци, а не на моментални емоции или импровизации.
Работната атмосфера беше професионална, но и искрено позитивна. Вработените знаеја што се очекува од нив, а менаџментот знаеше што им е потребно на вработените за да го дадат својот максимум.
Кога одредени поединци континуирано создаваа негативна атмосфера или го нарушуваа тимскиот дух, прво следуваше разговор и можност за промена. Доколку не ја прифатеа таа можност, повеќе не беа дел од организацијата. Компанијата ја штитеше својата култура исто толку сериозно колку што ги штитеше и своите финансиски резултати.
Прекувремената работа беше исклучок, а не правило. Надоместокот беше фер и конкурентен. Компанијата редовно организираше заеднички дружења за вработените, обезбедуваше значајни новогодишни бонуси и знаеше да го награди успехот, многу над тоа што законот од нив го бараше.
Но најголемиот впечаток не го остави додека работев таму. Туку откако си заминав.
Секоја година, без исклучок, добивам новогодишна честитка. Секоја година, на мојата домашна адреса пристигнува роденденски подарок. А во текот на годината добивам и неколку повици со пријателски разговор.
Повеќе не сум вработен во таа компанија.
Но очигледно сè уште сум дел од нејзиното пошироко семејство.
Втората компанија беше сосема поинаква приказна.
Планирањето постоеше на хартија, но реалноста беше управувана од постојани импровизации. Приоритетите се менуваа речиси секојдневно. Стратегиите и плановите често остануваа неискористени.
Работната атмосфера знаеше да биде напната. Парадоксално, дел од најмалку продуктивните луѓе имаа најголемо влијание бидејќи беа одлични во канцелариска политика, а не во создавање резултати. Озборувањата се толерираа, па дури и наградуваа, додека придонесот кон компанијата не секогаш беше најважниот критериум за напредување.

Прекувремената работа беше честа појава, но ретко признаена. Платите доцнеа. Бонусите беа минимални и најчесто се доживуваа како обврска, а не како знак на благодарност.
Кога си заминав од компанијата, немаше момент вреден за паметење. Нема честитка. Нема порака. Нема повик.
Во следните неколку месеци, уште неколку клучни луѓе ја напуштија компанијата.
А она што се случи потоа беше можеби најинтересниот дел од целата приказна.
Првата компанија продолжи стабилно да расте и по моето заминување.
Втората компанија забележа значителен пад, при што годишниот раст драстично се намали по заминувањето на повеќе искусни вработени.
Ова не е приказна за плата.
Не е ни приказна за бонуси.
Ова е приказна за култура.
Најдобрите работодавачи разбираат дека вработувањето не е само размена на време за пари. Тоа е однос изграден врз доверба, почит и взаемна инвестиција.
Кога луѓето чувствуваат дека се вреднувани само додека седат на своето работно место, тие си заминуваат и физички и емотивно во моментот кога ќе дадат отказ.
Кога луѓето чувствуваат искрена почит, тие остануваат амбасадори на компанијата долго по завршувањето на работниот однос.
Најсилните employer branding приказни не се градат преку реклами и кампањи.
Тие се градат преку илјадници мали одлуки кои секој ден им покажуваат на луѓето дека се важни како личности, а не само како ресурс.
А понекогаш, години подоцна, таа разлика може да се измери со нешто навидум едноставно.
Со роденденски подарок што пристигнува на вашата врата.
П.С. Имав случаи каде мои познати сакаа да аплицираат во овие компании.
За првиот работодавач, кажав се најдобро, затоа што тоа го мислам, но за вториот, мојот одговор беше “ни душман не би пратил таму”.